Пишува: Митко Гогов

Новоиздадените наслови влегоа во собата полна книги. Како некои инспектори зјапаа во просторијата. Некои летаа, некои гледаа низ прозорецот. Имаше и такви испружени на широкиот кревет со отворени страници. Си ги милуваа речениците, некои букви претрчуваа како во детска игра. Новајлии во приказна библиотека: „Ех книги, книги. .. Откачена ви е собата/ денот“, ги заскокотка мислата, додека си го бараа местото по полиците

За мене книгата е можност да сонувам буден. Можност да ги ширам крилјата на душата, да го градам светогледот како врата која се отвора кон таен свет помеѓу некој од рафтовите со најважните книги во стара, преполна со оставштина библиотека.

Пишувањето е градење кодови за иднината во кои минатато мириса на свежо расцветани липи во пролет. Пишувањето е вкусување на јапонска вишна дури и ако си еским затворен во својот леден дом. Да читаме повеќе, да ги видиме зборовните галаксии на другите, да го спознаеме животот отаде кориците, оти непрочитана книга е како спалена книга од глупоста на денешницата.

Инаку, денот на книгата ја губи важноста и смислата кога цел неписмен свет почна да се слика на плажа со книги кои се гледа на фотографијата дека воопшто не се отворени, не пак (про)читани. Среќа во несреќа беше корона-периодот кој нè олабави од вакви глупости. На плажа, нормално нели, и зборовите се сончаат, додека мислите ги истражуваат водените светови.

Денот на книгата останува да си го славиме ние, обичните читачи, секој ден, без да се сликаме со корици од наслови кои не сме ги ни погледнале, за другите, отворете тоа интернет-продавниците за книги, може да си купите некоја, дури и од моите…

Ајде, среќен ден, се гледаме во другиот свет, оној во кој се преминува како Хари Потер, кога ќе се затрчаш со глава во ѕидниот столб меѓу два перона.

Нека е честит денот! Read books! #worldbookday2022

Фотографија: Никола Станишлевиќ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.