Книгата со драми „Невидливите“ на хрватската авторка Тена Штивичиќ е објавена на македонски јазик, во издание на „Артконект“ од Скопје. За преводот се погрижи Владимир Јанковски, а книгата е издадена во рамките на едицијата „Европски приказни на надеж“, поддржана од програмата „Креативна Европа“.

Штивичиќ живее и работи во Лондон. Нејзините драми се изведени во многубројни европски земји, преведени се на многу јазици и добиле голем број награди, меѓу кои Европската авторска награда и Наградата за иновативност на Хајделберг Штикемаркт во 2008 година.

Меѓу нејзините најзначајни дела спаѓаат драмите: „Невидливите“, „Седум дена во Загреб“, „Искри“, „Три зими“, „Не можеш да побегнеш од неделата“, „Две и Fragile!“

Објавила две збирки колумни: „Одбројување“ (2007) и „Ѓаволот не спие“ (2010).

Драмските текстови на Тена Штивичиќ спаѓаат во самиот врв на современата европска драматургија. Ликовите на Штивичиќ се емигранти, невработени млади луѓе, семејства на животен крстопат, сите соочени со парадоксите на нашата (не)сигурна иднина. Закитени со значајни награди и изведувани на бројни театарски сцени низ светот, нејзините драми ја отсликуваат комплексноста на времето во кое живееме со топла човечност и суптилен хумор.

Владимир Јанковски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Ги објавил следниве
книги: „Скриени желби, немирни патувања“ (награда „Роман на годината“), „Невидливи љубови“, „Вечно сегашно време“, „Лицата на невидливиот град“, „Скопје со широко отворени очи“, „Огледало за загатката“.
Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и англиски јазик. Од хрватската книжевност превел книги од Миљенко Јерговиќ, Слободан Шнајдер, Дамир Каракаш, Ведрана Рудан, Дубравка Угрешиќ, Јулијана Адамовиќ и други. За преводот на романот „Пенелопеја“ од Маргарет Атвуд ја добил наградата „Златно перо“ на Здружението на литературни преведувачи на Р. Македонија.

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.