„Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во издание на Општина Охрид, вчера беше промовирана во рамките на чествувањата на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј – 24 Мај.
Во книгата, како што истакна промоторот Бобан Карапејовски, на околу 300 страници се поместени најзначајните кирилометодиевисти од Македонија, но и автори што го расветлуваат нивниот животен и творечки пат од историска перспектива, сè до инспирацијата што ја поттикнале кај создателите на уметничката литература.
– Пред нас имаме дело што во најмала рака, уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор. А, тој простор, во својата основа, ги содржи напорите, ги реактуелизира, за жал, и по милениум, заложбите на Светите Кирил и Методиј, врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука, во која и нашето право да зборуваме на својот јазик, така што се молиме, да тагуваме или да се радуваме, рече Карапејовски.
Според Димоски, кој е еден од авторите на книгата, застапените песни се со високи уметнички вредности.
– Сите поети имаат различен индивидуален заглед кон мотивот Кирил и Методиј. Но, културниот код на Кирил и Методиј е произлезен од Македонија и длабоко е враснат во македонската културна традиција, рече Димоски.
Култот на браќата Кирил и Методиј, додаде, е почнат уште во старословенскиот период и трае повеќе од 10 векови.
– Првиот оригинален словенски, а истовремено и македонски просветител и писател Свети Климент Охридски го дига на висок поетски пиедестал ликот, делото и заслугите на светите браќа, а преку црковно словенскиот период, тој култ се возвеличи во времето на македонската преродба како силен отпор кон цариградската патријаршија, нагласи Димоски.
„Книга за Светите браќа Кирил и Методиј“ е петти заеднички проект на Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. На овој труд му претходеа „Дојди во Охрид“, „Антологија на ловорот“, „Книга за Чинго“ и „Охридски раскажувачи“, сите издадени од Општина Охрид.