Од печат на македонски јазик излегоа „Клучните концепти во кинеската традиционална медицина“ во два тома од авторите Ли Џаогуо, Ву Ќинг и Синг Јуруи. Првиот том содржи 111 а вториот том 110 најважни концепти во традиционалната кинеска медицина и култура. Изданијата се на „Македоника литера“, а преводот од англиски јазик е на Бојана Богдановска и Славчо Пеев.
– Двата тома даваат сеопфатен преглед на терминологијата во кинеската традиционална медицина. Дефинирани се и објаснети најзначајните концепти во кинеската традиционална медицина. Основните термини се однесуваат на мислата и културата на кинеската традиционална медицина, главно поврзана со есенцијата, ќи, теоријата на јин и јанг, петте елементи, висцералното манифестирање, меридијаните, етиологијата, патогенезата и терапевтските принципи и методи – велат издавачите.
Денес кинеската традиционална медицина е најсеопфатниот и најшироко користениот традиционален медицински систем во светот, со најдолга историја, најширока култура, најпрепознатливи ефекти и најбрз развој. Кинеска традиционална медицина е класичен медицински систем со кинески карактеристики кои се непосредно интегрирани со астрономијата, географијата и хуманистичките науки.





