Зисовска утрово со сограѓаните ќе оди во манастирот да го одбележи патрониот празник на манастирот – литургијата ќе почне во 9 часот
Со оштетен покрив иако е под специјална заштита на државата како споменик на културата од 14 век во опасност, манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“ над кумановското село Матејче утрово ќе ги прими верниците кои традиционално го одбележуваат патрониот празник познат како Мала Богородица. Истите верници секоја година ден-два пред празникот одат во цркавата, ја косат тревата, го чистат ѓубрето и го уредуваат дворот за достоинствено да го одбележат христијанскиот празник. Така и годинава. Група млади кумановци го подготвија местото за литургијата која утрово во 9 часот ќе почне во манастирската црква.

Ова место во минатото било многу поразлично од денес. Верниците вообичаено се упатувале кон манастирот претходниот ден, преноќувале и во зората го дочекувале празникот. Околното детско одморалиште лете-зиме било полно со деца. Денес, одморалиштето се распаѓа, а црквата тешко може да ја оправда придавката манастирска…
Јасмина Зисовска, историчарка на уметност во пензија со децении апелира да се заштити комплексот. И самата учествувала во првата сеопфатна заштита на црквата која почнала во 1985 година под раководство на конзерваторот Мишо Милојевиќ. Во екот на пандемијата и полициските часови пред две години, таа на социјалните мрежи сподели моќно видео како го влече јажето на камбаната во Матејче: „За кого ги бијам камбаните! Ќе чуе ли некој?“ – праша таа.
Зисовска денес е пензионерка, но беше инспектор во Управата за заштита на културно наследство, а претходно со години работеше во кумановскиот Музеј.
– Сè уште редовно прашувам за кого бијат камбаните. Испраќам писма до Министерството за култура. Одговори не сум добила. Ова што се случува со црквата во Матејче е катастрофално. Да се украдат оловни плочи од покрив на толкав објект, тоа не може да помине туку-така. Невозможно е никој да не видел! И така со години црквата се разградува, де ќе најдеме искршена врата, па украдено олово, па вандали дивееле внатре. Случајот им е познат на сите, како е можно никој да не се интересира да ги реши проблемите – прашува Зисовска.

Претходната министерка за култура, Ирена Стефоска, на првата прес-конференција по нејзиното назначување соопшти дека црквите во Матечје и во Курбиново ќе бидат прогласени за споменици на културата во опасност за да може да се обезбедат интервентни фондови за итна санација. На покривот „Успение на Пресвета Богородица“ беа преземени заштитни активности и беа поставени оловни плочи на куполите. Но, само неколку дена по поставувањето на заштитата беа направени нови оштетувања, а оловните плочи на куполите однесени. Во март актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го посети манастирот со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ариан Арсланај и директорот на Национален конзерваторски центар, Мемет Селмани.
На прашањето што е направено во меѓувреме за заштита на објектот од Министерството за култура за Умно.мк велат дека во тек се интензивни консултации за изнаоѓање соодветно решение на повеќе нивоа.
– Во областа на заштитата на споменичното добро, стручни лица од надлежниот Национален конзерваторски центар направија увид во состојбата по отстранувањето на оловниот покривач кое се случи само неколку дена по неговата изведба. До нас е доставен извештај со предлог-мерки за заштита и првична пресметка колку би чинела изведбата на нов покрив. Напоменуваме дека поставувањето на покривот беше целосно финансирано од страна на Министерството за култура, пред да биде оштетен и дислоциран – велат од Министерството.

Како споменик од почетокот на втората половина на 14 век, ктиторот – царот Душан го завештал своето семејство да ја заврши репрезентативната градба, пишува историчарката на уметност, проф. д-р Елизабета Димитрова.
„Црквата на манастирот Матејче е репрезент на новините кои со себе ги носи уметноста од овој период. Богата во претставената иконографија, расприкажана по бројот на илустрираните сцени, раскошна во теолошката ерудиција, со аристократски вкус во сликарскиот манир, Богородичината црква во Матејче е вистински претставник на врвните четиринаесеттовековни дострели во уметноста на македонското подрачје“, пишува таа во трудот „Циклусот на Богородичиниот акатист во црквата Св. Богородица – Матејче“.

Јасмина Зисовска (лево)
Низ вековите црквата била многупати оштетувана. Првата конзервација во триесеттите години ја направил познатиот историчар на уметноста и архитектурата, археолог и универзитетски професор Ѓурѓе Бошковиќ. Но, првата стручна конзервација почнала во 1985 година, под раководство на Милојевиќ.
– Работевме прво на конзервација на архитектурата, на покривот, а потоа и на живописот. Споменикот беше доведен во добра состојба, но од 2001 година наваму сè тргна наопаку – вели Зисовска.
За време на воениот конфликт војската на ОВК беше утврдена во одморалиштето. Во тоа време беа направени големи оштетувања на фрескоживописот. Потоа беше урнат лакот од камената во комплексот порта откако германски војник на НАТО со „хермелин“ се обидел да влезе во манастирот.
– Потекнувам од овој крај. Не знам колку пати сум го одела патот пеш од селото до манастирот. Ги знам строседелците на Матејче, многупати помагале и за празникот и во заштитата. По потпишувањето на Охридскиот договор вандализмот стивна. „Горе“ имаше 24 часа мешани (етнички) полициски патроли. Во тоа време разговарав и со митрополитпт Кирил да се направат напори да почне монашки живот во манастирот. Ништо од тоа не се случи, а пролетта во 2012 години беше повлечена и патролата. Никој не објасни зошто и како. И така вандалите се вратија. Оштетувања има постојано – раскажува Зисовска.

Архива: Од оштетувањата низ годините
Од Министерството за култура велат дека соработката меѓу инстутуциите се одвива без прекин, во согласност со Законот за заштита на културното наследство, а „во иднина се планира соработка и со локалната самоуправа на Липково и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија“.
– Уништувањето може да се спречи со создавање услови за обнова на монашкиот живот во манастирот или обезбедување на 24-часовна стражарска служба – велат од Министерството.

Јасмина Зисовска
Зисовска утрово со сограѓаните ќе оди во манастирот да го одбележи празникот. Како што беше и за време на конфликтот кога под заштита на меѓународната заедница верниците со конвој се искачија до храмот да ја одржат традицијата и секој празник потоа.
– Ќе одам додека ме држат нозете, ќе ги бијам камбаните додека не чуе некој – вели Зисовска.





