Киното „Милениум“ во лош филм

Град Скопје годинава одвои 2.750.000 денари за работата и дејноста на киното „Милениум“, што според Арсова, се доволни за три месеци работење и да се покријат режиски трошоци, одржување и програма

Од почетокот на јануари годинава дигиталниот 3Д ДСП проектор на киното „Милениум“ повеќе не е во функција, а киното користи позајмен дигитален проектор од Младинскиот културен центар што не ги исполнува стандардите за овој тип киносала. Ситуацијата е повеќе од очајна, велат од киното. Проекторот на киното има потешкотии при работењето од 2020 година.

– Техничките проблеми се наталожија, додека единствениот регистриран сервисер за овој тип на апаратура одамна апелира за неможноста да го сервисира зашто веќе нема производство на резервни делови за истиот. Таков проектор веќе не се произведува, а нов чини 70.000 евра. Истовремено, звучните засилувачи во киното набавени во 2000 година се исто така во сосема дотраена (нефункционална) состојба и звукот во киното е сведен на 30 отсто од капацитетот – вели Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во Младинскиот културен центар и киното „Милениум“.

Град Скопје годинава одвои 2.750.000 денари за работата и дејноста на киното „Милениум“, што според Арсова, се доволни за три месеци работење и да се покријат режиски трошоци, одржување и програма. Арсова вели дека минатата година од Градот биле ветени пари за нов проектор.

– Кино „Милениум“ е важен, интегрален дел од функционирањето на културата во Градот Скопје и е единствено кино кое по поволни, субвенционирани цени за билети е достапно за сите, како јавно градско кино. Можеби тоа е тенденцијата, да затвори единственото градско субвенционирано кино во Скопје. Веста дека по 30 години во Штип се отвора кино, ќе ја пречекаме со веста дека едното од двете кина во главниот град на Македонија ќе затвори – апелира Арсова.

Од Град Скопје велат дека до овој момент, ниту пред распределувањето на буџетот, до нив нема пристигнато барање за дополнително буџетирање од страна на МКЦ во врска со киното „Милениум“.
– Доколку има потреба за дополнително буџетирање, секако, и доколку биде истакната таква потреба од страна на институцијата градот Скопје ќе излезе во пресрет – велат во одговорот за Умно.мк од Град Скопје.

До минатата година „Милениум“ добивал 5 милиони денари.
– Тоа директно укажува дека киното за 3 месеци ќе мора да затвори. Ако имале повеќе средства, зошто не ни ги доделија во старт? Инаку, повторно како и секоја година, ние аплицираме на повикот за поддршка со сумата од 5 милиони денари. Така што, побарани се тие средства – објаснува уредничката на филмската програма.

Киното „Милениум“ е дел и од најголемата и најрелевантна мрежа на киносали Europa Cinemas, што дополнително додава на важност за неговото постоење и функционирање и неговото згаснување би значело тежок удар за кинодејноста во Скопје, посочува Арсова.
– Да не го споменуваме и прашањето на одржување на фестивалот „Синедејс“ и не само тој – сите фестивали кои тековно се одржуваат во оваа киносала, како најрепрезентативна во Скопје

Сподели