Кинотеката преполна на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал

Кинотеката на Македонија беше претесна за да ги собере гостите и посетителите на отворањето на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој вбеше отворен завчеравечер со премиера на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков. Филмот плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна, а публиката имаше можност за исцрпна дискусија со режисерот Трајков кој специјално за оваа пригода допатува од Чешка.

Од името на организаторот на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија поздравно обраќање имаше неговиот престедател, Љупчо Митковски. Тој потенцираше дека она што пред 13 години почнало како иницијатива на неколкумина тогашни студенти на Институтот за филозофија низ годините се концептуализира и отелотвори во меѓународно препознатлив и автентичен Фестивал.

– Во светот постојат едвај неколку фестивали со ваков предзнак, повеќето веќе згаснати, но само нашиот, благодарејќи на тимот непоправливи ентузијасти успеа да се закотви и да етаблира консеквентна програмска рамка – истакна Митковски.

Фестивалот го организира Филозофското друштво на Македонија во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на С. Македонија. Институционални поддржувачи на ФФФ се Агенцијата за филм и Министерството за култура. Годинава Ревијалната програма „Филм-философија“ се реализира во партнерство со МЕДИА Деск МК. Во подготовката на ова издание значајна поддршка дадоа Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, Музејот на современата уметност Скопје, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

Сподели