Кинотечните архиви на Балканот се богатство од кое можеме да учиме

15. издание на „Македокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје

Проекција на 92 филмски остварувања, од кои десет се од македонски автори, стотина гости од странство, македонска премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска, концерт на Дуке Бојаџиев, се дел од програмата на 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Фестивалот ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“. Програмата на фестивалот вчера ја претставија Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, Петрула Вељановска, програмски координатор и Сара Ферро, раководителка на индустри програмата на фестивалот.

Вељановска потенцира дека ова издание на „Македокс“ е посветено на кинотечната дејност и архивските материјали, на нивното чување, реставрирање и дигитализирање, како и на нивната креативна употреба во документарниот филм.

Петрула Вељановска, Дарко Набаков и Сара Ферро (од лево кон десно)

– Ќе имаме можност да копаме и ловиме емоции низ времето, да ги пресоздаваме сеќавањата и да реконструираме состојби… Токму поради ова, ќе прикажеме разновидна програма од документарни филмови, нови и постари, кои во себе изобилуваат со архивска граѓа. Посебен акцент ќе ставиме на документарните филмови кои веќе се дигитализирани во поширокиот балкански регион и грижливо се чуваат во кинотеките и архивите. Целта е да создадеме една одважна и фестивалска атмосфера во која ќе ја славиме кинотечната дејност која многумина од нас (филмаџиите, авторите од било кој вид, па и публиката) ја препознава како дејност која е мошне значајна. Не само за зачувување на аудио-визуелното културно наследство и идентитетот на една земја, туку нејзините фундуси и како огромно богатство со неисцрпен креативен потенцијал кој инспирира на создавање нови идеи и сѐ подобри креативни документарни филмови – истакна Вељановска.

Годинава нема една „Земја во фокус“, туку внимание ќе биде посветено на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Македонија.

– Бројните филмски наслови од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочи Набаков.

Филмската програма на фестивалот е распоредена во пет категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Фестивалот ќе биде отворен на 15 август со проекција на документарните филмови „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт, а ќе биде затворен на 22 август со македонската премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска. Во рамките на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 22 август концерт ќе одржи Дуке Бојаџиев, автор на музиката на „Патување пеш“.

Меѓу насловите што ќе бидат прикажани се „Архитектон“ – новиот филм на значајниот филмски автор Виктор Косаковски, победникот на годинашното Берлинале – документарниот филм „Дахомеј“ на режисерката Мати Диоп. Филмот „Холивудгејт“ на режисерот Ибрахим Наша’ат, чиј монтажер е Атанас Георгиев, ќе биде прикажан во програмата „Нови автори“. Македонска премиера ќе има филмот „Градина“ на Бојан Тантуровски, додека во студентската програма ќе биде прикажан „Живот на даската“ на младата авторка Леона Јариќ. На фестивалот премиерно ќе бидат прикажани и три документарци произведени од школата за млади филмаџии „Докуникулци“.

Петрула Вељановска и Дарко Набаков

На фестивалот ќе бидат доделени пет награди: „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи. Комисиите за наградите се сочинети од 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Надвор од селекцијата за награди на 17 и 18 август во МКЦ ќе бидат прикажани Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години.

Во програмата на фестивалот ќе се одржат два мастеркласа. На 17 август во „Лабораториум“ ќе се одржи мастерклас со филмскиот режисер Столе Попов со наслов „Бекни бе, ќе ми снема лента“, кој ќе го модерира филмологот Илинденка Петрушева. Вториот мастерклас ќе се одржи на 18 август во „Лабораториум“ со наслов „Звуци и слики од втора рака“ и ќе ги открие методите на филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут за реупотребата на архивски звуци и слики.

Во рамки на тематската одредница на фестивалот ќе се одржи и Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми. Во рамки на главната програма ќе биде прикажан и документарниот филм „Молкот на разумот“ на Новакова.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот ќе се одржи 6. издание на МакеКоПроДокс форумот, чијашто главна цел е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.

Годинашното издание на форумот ќе се одржи од 19 до 21 август во Скопје. Модератори и ментори на форумот се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.

Сара Ферро

– Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „Македокс“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација. Партнери на „Македокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотеката на Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, амбасадите на Холандија, Франција, Чешка, и Словенија, Францускиот институт, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, МКЦ, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“. Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.

Фото: Сашо Алушевски

Сподели