Пишува: Марија Лукаревска
„Кикс“ е документарен филм (вечерва на „Македокс“ во 23 часот во Куршумли ан) за созревањето, за последиците од отсуството на родителска грижа, за вечната борба што ја водат оние на работ на егзистенцијата, но и за надежта за подобро утро.
Режисерите Давид Микулан и Балинт Ревез веројатно немале претстава што сѐ ќе посведочат кога решиле активно да го следат животот на 8-годишниот Сањи. Нивната случајна средба со група деца, оставени слободно да „хараат“ низ улиците на Будимпешта без родителски надѕор, се претвора во децениска кинематографска одисеја од која се раѓа документарниот „каминг-оф-ејџ“ филм, „Кикс“.
Сањи е дете од маргините на општеството, принудено да живее во сиромашни услови и да дели кревет со своето шестчлено семејство сочинето од мајка која е при крај со нервите поради целиот товар што го носи, незаинтересиран татко алкохоличар, помала сестра желна за внимание, брат кој го придружува Сањи во истите улични активности и загрижена баба. Во обид да поминува што помалку време дома, улицата се претвора во негов втор дом, што неретко го доведува до потенцијално опасни ситуации. Пцостите, маалските тепачки, неодговорното возење скејтборд и цртањето графити на јавни површини не му се непозната територија, но камерата на Микулан и Ревез генерално е тука за да се погрижи да не ескалира ниту еден од неговите девијантни изрази на животно незадоволство и младешки бунт.
Од пасивни набљудувачи, режисерите полека преземаат улога на активни членови на неговото семејство кои ги споделуваат сите нивни убави и тешки мигови: од будалестите игри со сестричката Тими до заканите од социјалната служба дека ќе им го одземе Сањи бидејќи не посетувал училишна настава повеќе од еден месец. Може да се каже дури и дека нивната камера станува рамноправен дел од оваа измачена заедница – нејзиниот објектив ги лови сите етапи од развојот на едно момче, како што се постепената дигитализација, првата љубов и првиот мамурлак. Камерата е, всушност, најобјективниот сведок на трансформацијата на Сањи од грубо улично дете во разочаран адолесцент кој на потешкиот начин се соочува со суровата реалност дека непромислените постапки речиси секогаш резултираат со сериозни последици.
Автентичниот приказ на сите овие турбулентни животни ситуации се должи на вештата примена на техниката „синема верите“, со ретки исклучоци на неколку домашни видеа од раното детство на Сањи. Бројните кадри од валканите и запустени делови на градот, во комбинација со модерната „треш“ музика што ја слушаат младите и нивните неконтролирани демолирачки дејности, создаваат атмосфера што потсетува на онаа во експерименталниот филм „Гумо“ од 1997. Иако оваа дистописка драма прикажува далеку побизарни околности и ликови, сличностите во кинематографската естетика се евидентни. Покрај тоа, и во „Гумо“ и во „Кикс“ родителите не се доволно вклучени во воспитувањето на своите деца, кои се препуштени сами на себе и се доживуваат себеси како „кралеви на улицата“.
„Кикс“ е документарен филм за созревањето, за последиците од отсуството на родителска грижа, за вечната борба што ја водат оние на работ на егзистенцијата, но и за надежта за подобро утро. Поради умерената доза на хумор и реалистичната илустрација на детската безгрижност, најпрво не се чувствува шлаканицата што ја задава, но како што одминува времето, така расте болката, а најсилна е по горчливиот крај на оваа сага, кој е неопходен за да се заокружи личниот развој на протагонистот.