Кедев во Битола ги сподели своите искуства од освојувањето на врвовите низ светот

Кристалната сала на Офицерскиот дом во Културниот и информативниот центар во Битола беше исполнета со возбуда, восхит и возвишеност завчеравечер, кога д-р Сашко Кедев ги сподели своите искуства како еден од најголемите македонски планинари. Еден од нашите врвни кардиолози и планинари ја запозна публиката со своите достигнувања освојувајќи ги осумте врва со височина над 8.000 метри од постојните 14 светски, што ги освоил во изминатите години.

На самиот почеток, д-р Сашко Кедев, изразувајќи благодарност на присутните и организаторите ПСК Пелистер и КИЦ Битола, рече дека од секогаш ја сакал Битола и многу ги ценел битолчани, бидејќи од тука потекнуваат корените на македонското планинарство и алпинизам уште од 1989 кога на првата македонска експедиција на Еверест кога и загина битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, симбол на битолскиот и македонскиот алпинизам.

Во текот на презентацијата д-р Сашко Кедев на публиката и понуди интересни случувања и допадливи факти со случки и анегдоти околу тие искачувања, користејќи и имиња на шерпаси и водичи како и легендарни планинари кои веќе не се меѓу нас… Неспоредливо искуство и дело за почит. Во преполната сала беа присутни бројни планинари, јавни личности, граѓани кои по презентацијата споделија свои искуства, фотографии за планинарските искуства, сеќавања за настани и личности и следни предизвици.

Организатори на настанот беа ПСК Пелистер и КИЦ – Битола.

Сподели