Издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје ја објави книгата „Ќе се разбудам на Шибуја“ од чешката авторка Ана Цима, а во превод на Донка Роус. Читлив и напишан на свеж разговорен јазик, романот-првенче на младата јапонистка е посветен на барањето пат кон различната култура, за нееднозначноста на реалниот свет и за деликатноста на исполнетиот сон. Романот е делумно инспириран од животот на авторката, но не се работи за автобиографско дело, туку повеќе е пример за магичниот реализам кој е типичен токму за јапонската литература.

Кога 17-годишната Јана доаѓа во сонуваното Токио, посакува тука да остане засекогаш. Брзо се уверува во недогледните последици од таквата желба. Ќе се најде, всушност, затворена во магичен круг во бучниот кварт Шибуја.

Ана Цима (1991) е чешка јапонистка, преведувачка и писателка. Живее во Јапонија и ја проучува повоената јапонска литература. Покрај студиите, преведува дела на јапонски автори на чешки јазик, но се занимава и со цртање и со музика. Вниманието на јавноста го привлекла уште со својот прв роман Ќе се разбудам на Шибуја, кој во 2019 г. добил неколку награди како „Магнезија литера“ за откритие на годината, наградата Чешка книга и наградата за млад автор Јиржи Ортен.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.