„Кажи ДА за добра книга“ – мото на конференцијата за издаваштво на „Чудна шума“ во Охрид

Издавачи од Европа ќе се сретнат во Охрид од денеска во наредните два дена, во рамки на проектот „Млади европски приказни“/Young European Stories на издавачката куќа „Чудна шума“.
Ова е втора меѓународна конференција во рамки на проектот „Млади европски приказни“ што ја организира „Чудна шума“, по ланската успешна конференција што се одржа на крајот на август, исто така во Охрид. Конференцијата се одржува под мотото „Кажи ДА за добра книга“ (кое е мото и на целиот проект „Млади европски приказни“), а учесници, покрај „Чудна шума“, се партнерите-издавачи од проектот: „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија.

Издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. Посебен акцент на конференцијата ќе се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…

Ова е втора година како се собираме во Охрид за заеднички да работиме, да разменуваме искуства, да разговараме за предизвиците со коишто се соочува издавачкиот сектор секаде во Европа, за начините како да се вмрежиме за да опстанеме, да растеме и да напредуваме и како заемно да си помагаме во процесот на трансформација на пазарот на книгата, вели Билјана С. Црвенковска, главен уредник на „Чудна шума“.

– Ова е и прв проект за превод и циркулација на европски дела во македонското издаваштво каде гледаме вакво вмрежување на повеќе издавачи – не само од регионот, туку и од Европа – и каде носителот на проектот е македонски издавач. Горди сме што нашата соработка продолжува и во уште еден тековен проект – проектот Планета НАДЕЖ (Нова европска проза), каде што е вклучен и уште еден партнер – „Содобност“ од Словенија, а на конференцијата ќе разговараме и за нашите идни планови и остварувањето на долгорочни и плодни партнерства. Сево ова, секако, немаше да биде можно без поддршката која ја добиваме од програмата Креативна Европа на Европската Унија, но и безрезервната поддршка и помош која ни ја пружија поискусните партнери во проектот и без нив, верувам, немаше да бидеме толку успешни – вели Црвенковска.

„Млади европски приказни“/Young European Stories е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади. Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски. Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик.

Сите книги кои се преведуваат во рамки на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми. Сликовниците, наменети за деца за предучилишна возраст, обработуваат теми како прифаќање на различностите и инклузивност, миграцијата, справување со траума и губиток, подигање на свесноста за грижата за животната средина и за климатските промени; слични теми обработуваат и романите за деца од предтинејџерска возраст, додека книгите за млади дополнително обработуваат и теми за родовата еднаквост, сексуалноста и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет.

Досега, во рамки на проектот се објавени следниве книги:
– сликовницата „Каде е мојот дом“ на турската авторка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек – превод на Васко Марковски од турски на македонски јазик (издание на „Чудна шума“);
– сликовницата „Мојата бабичка не знае која сум“ на хрватската авторка Ива Безиновиќ-Хејдон и илустраторката Хана Тинтор, во превод на Калиопа Петрушевска;
– сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“ на словенечката авторка Ида Млакар Чрнич и илустраторот Петер Шкерл, во превод на Дарко Спасов
– сликовницата „Беззборовната Ела“ на романската авторка Викторија Патрашку и илустрации на Кристијана Раду, во превод на Лидија Димковска
– илустрираната книга за деца „Деветтиот живот на принцот на мачките“ на унгарската авторка Дора Гимеши и илустрации на Каталин Сегеди, во превод на Златко Панзов
– романот за деца „Куќа без огледала“ на шведскиот автор Мортен Санден со илустрации на Иштван Лакатош, во превод на Родна Русковска
– романот за млади „Големата црна птица“ на германската авторка Штефани Хефлер, во превод на Ксенија Чочкова
– илустрираниот роман за деца на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Нита Муча „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (“Stella Dark”) – превод од македонски на германски на Корнелија Маркс (издание на „Мителдојчер ферлаг“), како и хрватскиот превод на истиот роман (издание на „Ибис графика“), во превод на Магдалена Кукиќ.
Во подготовка за печат се и книгите за млади „За младоста“ на норвешката авторка Лин Скобер со илустрации на Лиса Аисато (превод на Искра Бадева) и „Денови на Блуграс-љубов“ на холандскиот автор Едвард ван де Вендел (превод на Ели Пујовска).

Сподели