„Предизвиците на компаративната книжевност во 21 век“ е насловот на меѓународната научна конференција со која денеска и утре ќе бидат одбележани 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Основана во учебната 1980/1981 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата во изминатите четири децении дипломирале еминентни научници, професори, книжевни, филмски и театарски критичари, издавачи, уредници, новинари, културни дејци, како и некои од носечките имиња на современата македонска литературна сцена.

– Катедрата за општа и компаративната книжевност како предмет на изучување го има широкото поле на традиционалните и современите теоретски пристапи кон книжевноста и другите уметности, како и компаративно – историското изучување на македонската книжевност во врска со сите европски и други книжевности и култури. Тоа значи дека Катедрата остварува врвни наставни и истражувачки активности во кои студиите реализирани преку компарирањето како дисциплина, колку што го нагласуваат односот меѓу националната книжевност и другите книжевности, толку ги истражуваат одговорите на прашањата за поврзаноста на книжевноста со сите други уметности, театарот, сликарството, филмот, фотографијата, како и современите дигитални технологии – велат од Катедрата.

На научната конференција ќе бидат изложени четириесетина реферати посветени на развојот на македонската книжевна компаративна наука, на творештвото на Блаже Конески низ компаративни визури, како и на клучните актуелни предизвици на оваа книжевно-научна дисциплина денес. Конференцијата се одржува во рамките на програмата на свечености на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, во која годинава се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на патронот и 75 години од основањето на Факултетот.

Насловна фотографија: Pixabay

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.