Канскиот лауреат, филм „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ вечерва во 20.30 во Амфитеатарот во Струмица ќе го отвори 19. Филмски фестивал „Астерфест“. На проекцијата ќе претходат поздравни обраќања од организаторите на фестивалот. Лауреат на наградата „Астер“ на овогодишниот „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митриќески, кој оваа престижна награда ја добива за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус. Наградата на Митриќески ќе му биде доделена на самиот чин на отворањето на „Астерфест“.
13-минутниот хрватски филм, со Горан Богдан во главната улога, неодамна освои „Златна палма“ за краток филм на Канскиот филмски фестивал. Дејствието на филмот се случува на 27 февруари 1993 година, во Штрпци, Босна и Херцеговина. Патнички воз на линијата Белград – Бар е запрен од паравоени сили во акција на етничко чистење. Додека ги извлекуваат невините цивили, само еден човек од 500 патници се осмелува да им се спротивстави. Ова е вистинска приказна за човекот кој не можел да молчи. Филмот е успешна копродукција меѓу Хрватска, Словенија и Бугарија и е во продукција на „Антиталент“ од Загреб, а зад него стојат имињата на продуцентите Катарина Прпиќ и Даниел Пек. Значајно е дека оваа награда авторот Слијепчевиќ му ја посветил на Тома Бузов, човекот кој го инспирирал за овој филм и чијашто приказна ја раскажал.
Во првата натпреварувачка вечер, покрај „Човекот кој не можеше да молчи“, на програмата се уште дванаесет селектирани кратки филмови: „Гилгамеш“ на Шаќир Весели, „Астран“ на групата автори од „Исарт“, „Глувчевата куќичка“ на Тимон Ледер, „Луди и свесни“ (премиера) на Мануела Златкова, „Споменик“ на Сиџија Џенг и Џјашји Ву, „Малиот талкач“ на Каролина Томкова, „Полжавска приказна“ на Ели Воткинс и Хелен Грифитс, „Песок“ на Розе Торн и Матео Коста, „Сламеница кон иднината“ на Николас Нојхолд, „Оп, риба“ на Вибин Виџајан, „Шепкач“ на Младен Ѓукиќ и „Сржта“ на Оберт.
Деветнаесеттото издание на „Астерфест“ во Струмица ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Со разновидните вечерни проекции во Амфитеатарот и со придружните дневни настани, Фестивалот ќе трае до 5 август вечерта, кога ќе се прикажат наградените филмови од натпреварувачката програма.
Покровител на фестивалот е Општина Струмица.