Камчето од Камениот мост

Пишува: Тони Цифровски

Како и секогаш кога со забрзан чекор поминувам по Мостот што ги поврзува двете страни на мојот град и тој ден со мислите бев занесен во убавините на крошните на дрвјата кои создаваа богат есенски мозаик игрива испреплетеност во падините на Водно. Одеднаш, нешто се удри и ми отскокна покрај чевелот што така забрзано иташе. Погледот ми го зароби малото камче одронато од исконската истрајност и пркос на ѕидот од Мостот, кое започна да се тркала и потскокнува обземајќи ми ги мислите и раскажувајќи…

… мене во овој ѕид пред многу години ме вгради една женска рака чие срце под носијата долго време се навраќаше покрај Реката за да го види момчето со фес на главата кое се грижеше за редот во минувањето кон Старата чаршија. Во тоа време веќе по Мостот се движеа и првите автомобили, а девојките од двете страни на Вардар се натпреваруваа која ќе биде попривлечна во својата најнова облека. Иако и Таа знаеше дека тие полесно го привлекуваат вниманието, сепак нејзиниот избор беше белата кошула во вид на туника извезена од нејзините вешти раце со украси со стилизирани геометриски мотиви, од волнени конци и со изобилство од срма, под платнената саја и клашнената курдија, ткаената скутина и појасот кемерче. Иста таква носела мајка ѝ кога под натежнатите од неодоливиот мирис липи низ скопските дрвореди, го сретнала погледот на татко ѝ

Градот пулсираше од двете страни на Реката, а занаетчиите си ја гледаа својата работа, чекајќи ги муштериите. Момчето си ги знаеше своите обврски и никогаш не ѝ подари ништо повеќе од пријателска насмевка секогаш кога на разминување ќе му упатеше срамежлив поглед. Секојдневната рутина, пак, за неа значеше со мислите да отпатува на ѕидините на Калето, за заедно со Него да замислува како нивното држење за рака на највисоката кула е всушност симбол на заедништвото на толку различните, а толку зближени луѓе од двете страни на Реката. Мешаните звуци на традиционалната музика од сите страни како да ја воспеваа таа слика, а Водно и Скопска Црна Гора беа бескрајниот подиум за нивниот танц до доцна во ноќта… Денот кога дозна дека заминал за Турција и повеќе нема да се врати, беше последниот кога ја облече носијата и
наместо своето срце, во пукнатината на ѕидот ме остави мене…

… си глаголеше Камчето тркалајќи се надолу додека не удри во столбот на Мостот и застана. Чевелов го одмина и продолжи да ита. Моите мисли повторно ги понесоа убавините на крошните на дрвјата испреплетени во падините на Водно, впрочем, како и секогаш кога со забрзан чекор минувам по Мостот што ги поврзува двете страни на моето Скопје.

Со есејот посветен на старо Скопје, новинарот на Македонското радио учествуваше на конкурс што го организираше Дирекцијата за култура и уметност – Скопје. 

Фотографии: Јутјуб

Сподели