Какво влијание има вештачката интелигенција врз пишувањето – тема на 3. Фестивал на прозата во Куманово

Гости од Бугарија, Србија, Црна Гора и од Македонија ќе учествуваат на третото издание на Фестивалот на прозата што вечерва во 20 часот ќе започне во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Трибини, дебати, работилници ќе се реализираат на дводневната манифестација. Гости на првата вечер ќе бидат: Бојан Кривокапиќ од Србија, Петар Денчев од Бугарија, Фросина Пармаковска и Хана Корнети од Македонија и Никола Николиќ од Црна Гора. Модератор на вечерта ќе биде Душко Крстевски. Утревечер, пак, ќе гостуваат Лилјана Пандева, Билјана Црвенковска, Арлинд Фазири, Пламен Тотев од Бугарија, Владимир Јанковски и модераторката Ана Јовковска.

– Би сакал да потенцирам дека на овој фестивал една од главните теми за кои ќе се разговара, меѓу другото, е и вештачката интелегенција и начинот како истата влијае врз литературатата и дали во времето кое е пред нас ќе има испреплетување и поврзување на литературата со вештачката интелигенција и како, дали и колку истата ќе има влијание врз литературата и пишувањето кое досега го практициравме и ни е познато – истакна директорот Сашо Тодоровски.

Две креативни работилници се закажани за утре посветени на децата, во 11 часот во фоајето на Центар за култура. Работилницата за деца ќе ја водат Владимир Лукаш и Искра Димковска, и ќе биде сосема интересно и забавно за најмалите, вели Маргица Станисављевиќ од Центарот за култура

– Испративме покана до сите основни училишта, интерес постои, но таа е од отворен тип и можат да присуствуваат сите заинтересирани. За работилницата за креативно пишување учесници е предвидено да бидат ученици од средните училишта, сите љубители на пишаниот збор и Книжевниот клуб кој работи при Центарот за култура. Оваа работилница ќе ја предводат Јорданка Белева и Живко Грозданоски. Се надеваме на убава панел дискусија на сите настани – вели Станисављевиќ од Центарот за култура.

Пишувањето стана нормализирано во последните години, па задоволство е да се слушне дека на фестивалот има работилници за пишување, затоа што впрочем така и се гради читачката публика, смета младиот автор од Србија, Бојан Кривокапиќ кој пат присуствува на книжевен настан во државата. Досега има соработувано со колеги-автори од Хрватска и Босна, но оценува дека ова е одличен начин за вмрежување, проширување на соработка и размена на идеи и ставови.

– Значи не само ревијално публиката да ги слуша гостите, туку најмалите да се вклучуваат во процесот и учат што значи книжевноста, читање, пишување, дискусија, со што книгата ќе стане нешто најнормално, како што на пример сега телефоните. Можеби тоа е премногу идеалистички, но овој модел на фестивали дава добар темел за изградба на култура на читање и пишување“, истакна Кривокапиќ, автор на повеќе книжевни дела и добитник на награди во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Министерството за култура го поддржа фестивалот со 500.000 денари.

Сподели