Ова е заеднички проект на универзитетите во Берн, Солун и Оксфорд, вели м-р Валентина Тодороска, раководителка на истражувањата

Подводни археолошки истражувања на локалитетот Врбник кај Струга ќе бидат спроведени од домашни и странски археолози во текот на идниот месец. Палафитните наоѓалишта и наколните населби од 7 и 6 век пред новата ера, лоцирани на западното крајбрежје на езерото на излезот на Струга близу Калишта ќе ги истражуваат домашните археолози предводени од м-р Валентина Тодороска. Во тимот се вклучени археолози од Австрија, Швајцарија, Франција, Полска и од Германија.

– Ова е заеднички проект на универзитетите во Берн, Солун и Оксфорд. Во рамките на проектот досега се реализирани истражувања на локалитетот Деспилио, Костурско Езеро во Грција, Лин во Албанија и Заливот на коските кај Охрид. Целта е да се открие начинот на живеење во наколните населби во Врбник и нивната старост, преку интердисциплинарен пристап, анализа, дендрохоронологија (испитување на старост на колците) и палеоботаника – вели Тодороска.

Валентина Тодорска

Истражувањата се во рамките на проектот „Подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Врбник“, поддржан од Министерството за култура. Тие се дел од интернационален проект кој го истражува животот и активностите во наколните населби покрај езерата во Македонија, Албанија и Грција, а ги реализира Археолошкиот музеј од Скопје во соработка со Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, како дел од проектот EXPLO предводен од Универзитетот во Берн, Швајцарија.

Според Тодороска, единствениот археолог во земјава сосертификат ESD (European Scientific Diver) з аподводни археолошки истражувања, во рамки на активностите ќе има и отворени денови за пошироката јавност кога ќе бидат претставени дел од резултатите од истражувањето.
– Така граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со методологијата и работата на овој тип истражувања. Целта е подигање на јавната свест за културното наследство, неговото значење и промоција – вели Тодороска.

Локалитетот Врбник се наоѓа во водите на Охридското Езеро, помеѓу Струга и селото Калишта, пишува на интернет-страницата на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП). Околу 200 метри го одвојуваат од брегот, на длабочина од 3 до 5 метри.

„Првите информации за локалитетот датираат од почетокот на 80-те години на минатиот век, кога локалното население ги забележува колците на дното од езерото. Првите истражувања започнуваат во 1998 година, а продолжуваат во периодот 2001-2003 година. Од 2012 година истражувањата на овој локалитет траат до денес. Колците присутни на дното од езерото се групирани и нивниот дијаметар изнесува меѓу 20-30 сантиметри. Меѓутоа, досегашните истражувања го оставаат отворено прашањето за нивната организација, исто како и планот на куќите и нивната намена. Движниот материјал го сочинуваат фрагменти и одреден број сочувани керамички садови, бронзени и железни предмети, тегови итн. Истражувањата, како и движниот материјал укажуваат на тоа дека локалитетот Врбник културолошки и хронолошки ѝ припаѓа на добропознатата група локалитети од доцната фаза на железното време во регионот околу Преспанското и Охридскотo Езеро, и тоа во рамки на Македонија, Албанија и на Грција“, пишуват археолозите од ЦИП.

Последените археолошки истражувања беа спроведени лани во август, кога археолозите евидентираа и неколку куќи. На локалитетот досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 квадратни метри, што е околу една десеттина од целата населба.

Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал: керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Археолозите велат дека иако најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на населбата е во 7 и 6 век пр.н.е.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.