Како војната во Украина го промени светот – научна дебата на Филозофски факултет

„Општествените промени по Украина“ е темата на панел-дебатата која денеска во 10 часот ќе се одржи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова е прва од серијата на дебати „Академски видик“ што ќе се организираат на оваа тема.

Дебатата ќе ја отворат претседателот Стево Пендаровски, украинската амбасадорка во земјава, Наталија Ивановна Задорожњук и деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев. Говорници ќе бидат професорите Марјан Ѓуровски, Оливер Бакрески, Милева Ѓуровска и Антоанела Петковска од Филозофскиoт факултет.

– Целта на форумот е да поттикнеме јавна дебата како и да дадеме придонес кон надминување на предизвиците со кои ќе се соочува македонското општество и светот како импликација на војната во Украина – велат од Филиозофскиот факултет.

Дискусијата ќе опфати повеќе теми, како какви импликации има војната во Украина врз безбедноста и одбраната, како војната ги смени светот и историјата, како изврши социо-демографски промени, какво влијание имаше врз економската безбедност и врз психологијата на комуникации? Како лажните вести ја убиваат вистината за војната?

– Ова е најважната тема која, за жал, ќе ја водиме во една светска криза наметната преку војната во Украина. Општествениот придонес на серијата дебати „Академски видик“ е во неговиот концепт да даде придонес кон помагање во решавањето на некои општествени проблеми или процеси – велат организаторите.

Настанот може да се следи на фејсбук-страницата на факултетот и на зум-платформата на следниот  линк

Сподели