Како влошениот однос меѓу родителите може да влијае врз развојот на детето?

Ако детето навистина било сведок на расправија помеѓу своите родители, важно е да му кажете дека сте претерале. Дека не требало да кажете нешто, дека се каете за некои зборови, дека ви е жал

Пишува: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп

Лошиот однос меѓу родителите, без разлика дали живеат заедно или се разделени, влијaае врз формирање на сликата која детето ја има за себе. Кога детето ќе порасне знаејќи дека мама и тато не се сакаат и почитуваат, нема внатрешен мир, нема поддршка и сигурност. Тоа нема поддршка од надворешниот свет, па затоа нема поддршка и од самото себе.

Влошениот однос меѓу родителите влијае индиректно негативно на децата, затоа што им ја одзема силата и желбата да бидат добри со своите деца. По расправија со сопругот, дали мајката може да оди во детската соба и да биде забавна, радосна и имагинативна со децата? Дали може да биде среќна во играта и во разговорите со нив? Дали може да ги советува и подучува правилно? Не може, барем не со полно срце, бидејќи такво нешто бара внатрешен мир.

Повремени контролирани несогласувања, но не расправии и тепачки. Гледањето нерасположени родители кои не се согласуваат, понекогаш може да биде здраво за детето. Преку таа слика детето учи дека е во ред да не е секогаш среќно. Преку оваа слика тоа учи како изгледа тагата, како изгледа стравот и како изгледа лутината и дека е во ред да се чувствува. Но, многу е важно мама и тато потоа да му објаснат на детето зошто ги имаат овие непријатни чувства. Да му кажат од што се плашат или што ги лути, избирајќи соодветни зборови при објаснувањето.
Повремените расправии и несогласувања се здрави затоа што сме различни суштества. Со различно воспитување, имаме јаки страни, слабости и желби, нереално е да се очекува дека секогаш се согласуваме за сѐ. Но, расправии, кога се користи викање, навредливи зборови, пасивна агресивност, исмејување, омаловажување, никогаш не се добри или здрави за децата.

Како да му објасните на детето?

Ако детето навистина било сведок на расправија помеѓу своите родители, важно е да му кажете дека сте претерале. Дека не требало да кажете нешто, дека се каете за некои зборови, дека ви е жал. Важно е да сочувствувате со детето и да знаете кој дел од расправијата, кои зборови детето можело погрешно да ги разбере. Важно е детето да види дека знаете искрено да се извините и да се помирите после расправијата. Не е во ред да му кажеш на детето „мама/тато ме налути“ затоа што таа реченица не му објаснува ништо на детето. Напротив го поканува на сојуз со тато или мама, и во очите на детето тој е жртва на другиот родител.

Ако детето го воведете во таква психолошка игра, ќе почувствува лутина кон својот татко или кон својата мајка, и ќе чувствува наизменични чувства на вина и гнев кон другиот родител. Кога детето е повикано на една страна во односот помеѓу мама и тато, многу е тешко да почувствува чисто, неизвалкано чувство на љубов кон било кој родител.

Како реагира детето на лошите родителски односи?

Малото дете може да ја покаже својата тага и страв поради лошиот родителски однос на различни начини. Детето кое нема пелени може повторно да почне да уринира во пелени. Може да почне да пелтечи или да го поедноставува својот вокабулар и да користи помалку зборови. Може да стане агресивно и да ги повреди другите деца или себеси. Може да стане тажно или исплашено и да се плаши од одвојување од родителите. Може да почне да бара внимание на негативен начин (агресија, инает).
Ваквата реакција е особено болна за детето бидејќи не само што не го добива потребното внимание. Наместо тоа, тоа добива потврда во неговите очи дека не е сакано, дека мама и тато навистина не се грижат за неговите чувства.

Како детето ја разбира расправијата на мама и тато?

Мало дете има егоцентричен поглед на светот. Односно, верува дека многу работи и настани кои се целосно независни од него, имаат врска со него. Дека се во некаква врска со неговите постапки или мисли. Ако детето било непослушно, во неговите очи, ќе поверува дека тоа предизвикало кавга помеѓу родителите. На ист начин како што верува дека сонцето заоѓа за да спие. Ако детето му се налутило на своето братче или сестричка, тоа мисли дека со тоа предизвикало братчето/сестричката да се разболи. Кога мајката е тажна, детето верува дека тоа е негова вина.

Детскиот поглед на светот е различен, тоа никогаш не треба да го губиме од вид.
Многу е важно да учиме (да се едуцираме) за децата, да читаме книги за развојна психологија и книги за родителство. Важно е да се разбере детето и како се чувствува, бидејќи неговиот поглед на светот е многу поразличен од нашиот. Важно е да имаме желба да седнеме и да размислиме зошто детето плачело на крајот од денот, каков и да ни бил денот со децата. Зошто фрлало работи, зошто било тажно.

Добриот родител треба да биде повеќе заинтересиран за причината за однесувањето на детето отколку за ефективен начин да го спречи тоа однесување.

Насловна фотографија: Pixabay

Сподели