Книгата „Историја на наставата по англиски јазик“ утре во 11.30 часот ќе биде промовирана во Музејот на македонската борба за независност, во Скопје. Промоцијата се одржува во рамките на одбележувањето на 25 години од основањето на Асоцијацијата на наставници по англиски јазик и книжевност ЕЛТАМ МК
Во какви времиња се создавала наставата по англиски јазик во Македонија? Кои биле тие ентузијасти кои снимале материјали од Би-би-си или создавале свои материјали, бидејќи тука немало никакви учебници, ниту аудио материјали? И дали тогаш платата од 2 фунти неделно за бејбиситер во Англија била поважна од можноста да учиш англиски? Кој бил главниот поттик наставници да одат до другиот крај на светот за да предаваат англиски на Македонци?
Одговори на овие и на многу други прашања дава книгата „Историја на наставата по англиски јазик“ која утре во 11.30 часот ќе биде промовирана во Музејот на македонската борба за независност, во Скопје. Промоцијата се одржува во рамките на одбележувањето на 25 години од основањето на Асоцијацијата на наставници по англиски јазик и книжевност ЕЛТАМ МК и одржувањето на 13. Меѓународна конференција на Асоцијацијата насловена „Нови предизвици, нови перспективи“, која денеска и утре се одржува во Музејот.
Идејата за создавање на изданието „Историја на наставата по англиски јазик“ тлеела повеќе години, вели Елена Ончевска Агер, една од авторките на книгата, редовен професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Страници 30 и 31 од учебникот Rainbow 1 Reader (Центар за странски јазици, 1990)
– Уште како наставник по англиски јазик, бев воодушевена од учебникот по англиски јазик за деца Rainbow (Манговска, Калиниќ-Ордева, Кузмановска и Стојановска, 1990). Група наставници кои не биле посебно инспирирани од учебниците што се користеле во тоа време, решиле да создадат свој, и тоа во соработка со домашниот илустратор Дарко Марковиќ. Ваквиот концепт на стрип не само што ги оживува странскиот јазик и култура, туку и го развива интересот на децата за читањето воопшто. За мене, ова е помодерен пристап кон развивањето на писменоста на децата од она што го гледаме во денешните „модерни“ учебници – вели Ончевска Агер.
Години подоцна, при посета на методички семинар, таа случајно дознала за наставните истории, како легитимно, иако не којзнае колку популарно, поле на интерес на применетата лингвистика.
– Откако се запознав со целите и форматите на ваквата дејност, знаев дека сакам да имаме македонска историја на наставата по англиски јазик. Низ разговор со повеќе колешки, спонтано се самоизбраа останатите членови на овој тим: Екатерина Бабамова, Мира Беќар, Наташа Стојановска-Илиевска, Илина Кацхинске, Мирослава Павлова-Аневска и Емилија Стојановска – објаснува Ончевска-Агер.
Сведоштвата на пионерите
Публикацијата содржи куси историјати на клучни организации за наставата по англиски јазик како ЕЛТАМ МК, Британскиот совет, Американското катче, СЕТРЕК, Центарот за странски јазици. Но, и сведоштва за наставници кои оставиле силен печат во нашата наставна историја. Ончевска Агер објаснува дека главните историски пунктови се илустрирани со автентични фотографски и видео записи. Прават и колекција на локални, историски изданија поврзани со наставата по англиски јазик, дел од кои повеќе не можат да се најдат во нашите библиотеки. Размислуваат и за дигитализирање на таквите содржини, за тие да бидат достапни за пошироката јавност.
На прашањето што кажува историјата за наставата по англиски во Македонија, јазик кој е вклучен 100 отсто во образовниот процес (од прво одделение), а веќе неколку години нема учебници по англиски јазик, таа одговара:
– Тоа што нема учебници по англиски јазик е само уште еден симптом за вредносниот систем во земјава, за тоа на што се дава и од што се одзема приоритет. Да не забораваме дека наставниците веќе подолг период немаат пристап ниту до релевантни можности за професионален развој, а статусот на наставничките професии е во слободен пад. Во ваков вакуум од општествена грижа за толку значајниот наставнички повик, сепак постојат локални развојни импулси, што јас ги гледам главно во делото на ЕЛТАМ МК. Сериозни институции би ги препознале ваквите острови на грижа за наставничката професија, би им дале глас, и би ги поддржале нивните автентични (grassroots) иницијативи за придонесот што тие го даваат кон професијата да биде сеопфатен и уште позначаен – вели Ончевска Агер.
Мира Беќар, вонреден професор на Катедрата по англиски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, дава еден живописен аспект на „Историјата на наставата по англиски јазик“ – преку приказни со луѓе што се вградиле себеси во наставата по англиски јазик во Македонија: Патриша Марш Стефановска, Натка Гогова, Мирка Мишиќ, Виолета Свонсон. Таа ја цитира лекторката Натка Гогова: „Сите даскали уживаме да лафиме“ на прашањето „Колку вам ви правеа задоволство овие муабети?“ Според Беќар, не е тешко да се преиспитаат сопствените наставни практики, а и практиките на оние од кои сме учеле. Но, ако немаш увид во развојот, ако не рефлектираш и не се занимаваш со него, нема ни да го забележиш и ќе мислиш дека „тука е лошо и ништо не се менува.“
– Се менува, бавно за жал, но се менува. Сите што учествуваме во изданието сме им биле студентки на интервјуираните лекторки. Сме ги гледале таму повисоко поткачени на катедрата како пишуваат многу текст со бела креда на зелена табла за да нè научат за англискиот јазик. Но, времето лета и доаѓаш ти да бидеш онаму каде биле тие на истите години и сфаќаш дека цели светови лични, колективни и професионални не ти се познати. А не сме вечни на овој свет, па затоа рековме, ајде да го запишеме она што можеме сега, па да оставиме на идните генерации да го дозапишат – раскажува Беќар.
Кога Ончевска Агер ја предложила идејата за книгата таа веднаш се согласила да се вклучи без да знае во која насока ќе се движат и кој е крајниот производ. Едноставно идејата ù делувала како нешто што има смисла, ќе истражува за она на кое го посветила својот живот – наставник и истражувач во областа на англистиката и применетата лингвистика.
– Разговорите си течеа многу убаво, како да си во некој филм. Одличната способност на интервјуираните да раскажуваат ми создаваше асоцијации и слики за едно време кога работите што ги земам здраво за готово не ни постоеле. На пример, немало ни Катедра за англиски јазик!
Потоа сите оние детали дека добивале плата од 2 фунти неделно за бејбиситерство во Англија, или како имале ученици- млади луѓе од Танзанија, Етиопија, Пакистан кои учеле македонски, или одењето со возови до Лондон, како снимале материјали од BBC World Service, оти немало тука никакви учебници, ниту аудиоматеријали, па учење македонски заради огромната желба да се појде на друг крај на светот и да се предава англиски на Македонци, учење англиски од татко кој бил самоук за странски јазици, љубов кон литературата напишана на англиски јазик, подготовки до 2 наутро бидејќи не можеш да се бламираш на час и слично – раскажува Беќар.
Какви се студентите денес
Во сиот процес најважно ù било да дознае од каде почнало сé, како се стигнало до контекстот во кој таа почнала да студира во 1996 година и контекстот во кој почнала да работи во 2001, за да размисли што важно загубиле, но и што прогресивно вовеле.
– Ние сè уште применуваме некои нивни наставни методи, како на пример студентите да кажат кои се вестите на неделата што изминала, постојано запишување на нови фрази и детална анализа на реченици, песни, одреден пристап кон преводот. И важно ми беше да ја посведочам повторно таа нивна жар на лекторките, и во гласот и во движењата на тело и ентузијазмот и по 70-та и по 80-та година од животот, а ниту една од нив немала лесна животна патека, и ете голем дел од силата и енергијата ја трошеле на учителствувањето – раскажува Беќар.
За споредбата какви студенти се запишуваат денес на Катедрата за англиски јазик и книжевност денес и со какво стекнато знаење се запишуваат на факултет, во што се најсилни, каде се најслаби, Беќар вели: „Какви социоекономски и интелектуални услови и образовни политики – такви ученици и студенти.“
– Каузалноста е секогаш јасна и логична. Квалитетот во нашето образование се темели само на некој неверојатен ентузијазам и инаетливост на ентузијастите. На ништо друго посистематично – децидна е таа.
Како и наставата, така и децата се различни. Беќар не е сигурна дали целосно одговараат на нивните потреби. Има секакви студенти.
– Еве оваа година имам студенти со розеви коси, пирсови, некои специфични имиџи. Родовите прашања им се важни. Живеат во многу неизвесни времиња: ковид, војни, дигитални светови. Сфаќам дека некогаш не го перципираме светот на ист начин. Дефинитивно имаме различни перцепции за тоа што е добра мотивација, а што е индиферентност со студентите – објаснува таа.
За нејзината генерација, младите се индиферентни, но имаат други вештини што тие ги немале. Беќар смета дека мора да учат како да бидат добри луѓе и дека убавите работи не треба лесно да доаѓаат.
– Да не биде дека е доволен само еден клик и брз интернет, туку и да се помачат да покопаат подлабоко за некое знаење и поврзување на сè што учат од градинка до највисокиот степен на образование. Да се пробуваат во различни професии, на пример и превод и настава и истражувач, да не е важно само кој нуди повисока плата. Знам дека звучам како некој романтик и носталгичар, ама ако нешто ми е само рутина и не го правам со страст за да има духовна смисла, не го ни правам. Во последниов период со колешки од Филолошкиот факултет и со наставници во основни и средни училишта се бориме со функционална писменост, наоѓаме методи да ја подигнеме. Еден пример, за проектов за историјата на наставата по англиски јазик се приклучија студенти да ми помогнат со транскрипцијата на долгите интервјуа. Ми пишаа како си ги замислувале лицата и замислувале како изгледаат интервјуираните професорки додека им го слушале гласот – вели Беќар.
25 години ЕЛТАМ МК
Мирослава Павлова-Аневска е претседателка на ЕЛТАМ МК. Асоцијацијата годинава го прославува својот сребрен јубилеј кој значи навраќање на сите настани и постигнувања на Асоцијацијата, на сите личности, наставници-волонтери, кои дале свој придонес во работата на здружението, а со тоа дале и придонес во унапредување на наставата по англиски јазик во земјава.
– Во текот на овој период ЕЛТАМ МК го поддржува формалното образование, односно наставата по англиски јазик на повеќе начини. Најважниот сегмент е професионалниот развој на наставниците кој го овозможуваме преку одржување на работилници, обуки, семинари и конференции како 13. Меѓународна конференција „Нови предизвици, нови перспективи“. На овие настани наставниците разменуваат идеи, искуства, се запознаваат со најновите истражувања и сознанија во областа на изучувањето на англискиот јазик – вели Павлова-Аневска.
Покрај активностите за професионален развој, ЕЛТАМ МК организира и реализира натпревари по англиски јазик за учениците од основните и средните училишта за да се поттикне и развие љубовта за изучување на јазикот, но и да се види какви постигнувања имаат учениците. Следствено на тоа, наставниците ги анализираат резултатите и прават приспособувања и модификации на својата работа.
– Од особена важност се и материјалите за поучување кои ги имаме издадено во текот на годините како поддршка на наставниците и учениците. На пример серија од 4 сликовници со приказни на англиски јазик и активности поврзани со нивната содржина, потоа прирачниците за ученици и наставници со содржини изработени според програмите на БРО, но и изданија како нашето списание, каде се објавуваат сознанија од научни трудови и истражувања како и Билтенот каде наставниците пишуваат за свои искуства, идеи и пракса. Со радост го вбројуваме и најновото издание „Историјата на наставата по англиски јазик во Р. Македонија до 2024 година“. Ове не е само издание коешто ја документира работата на здружението, туку и работата на многу институции и личности важни за развојот на изучувањето на англискиот јазик во нашата земја – вели Павлова-Аневска.
Таа нагласува дека во текот на сите овие години ЕЛТАМ МК има партнери со кои соработува и кои го поддржуваат како најголемите издавачи на учебниците по странски јазици, институции за промоција на англискиот јазик и култура, но најважен дел се всушност наставниците-волонтери кои ги вложуваат своето време, труд, вештини и знаење во работата на Асоцијацијата со цел да може ваквите активности да се реализираат.