Како се роди „Ај честито“

Поттикнати од слабата понуда на нашиот пазар, честитки на странски јазик, најчесто англиски, Јасмина Грујиќ заедно со Наташа Атанасова решиле да создадат бренд на македонски јазик и да придонесат за заедницата

„,Ај честито’ оди рака под рака со изненадувањата. Нашите честитки се тука да изненадат со убава порака за родендени, за свадби и слави, за мекици и дипломски, матурски, пензија… за сите убави поводи и празници во текот на годината. А кога сме кај убавите мигови, новогодишните празници се збир на мноштво од нив во краток период. Тоа е време кога сакаме да си украсиме по дома, сакаме да се видиме со сите луѓе што ни значат, да им подготвиме по некое мало изненадување и да ги видиме среќни“, вели Јасмина Грујиќ и заедно со Наташа Атанасова овозможија на македонски јазик да си честитаме празници, родендени, свадби…

Поттикнати од слабата понуда на нашиот пазар, честитки на странски јазик, најчесто англиски, двете решиле да ја развијат вообичаената порака меѓу Македонците – „Ај честито“ и да ја претворат во одличен производ.

– Периодов работевме на тоа како духот на нашето живеење во нашето време да го преточиме во новогодишни честитки кои ќе бидат модерни, весели, разиграни и ќе шират среќа и радост за празниците. Така, од нашата креативна работилница излегоа пет нови оригинални честитки наменети за помали и поголеми деца, за луѓето со висока еко-свест, за оние се лечат од секојдневието терајќи мајтап на своја сметка и за вљубените што ги грее љубовта во овие студени денови – вели Грујиќ.

Честитки со спакувано време, внимание и љубов

„Ај честито“ е проект на маркетинг-агенцијата „Импакта“, што ја раководат двете. Идејата ја добила Јасмина која ја увидела потребата од креативни и весели честитки со модерен дизајн кај нас, кои ќе бидат пошироко распространети и достапни до сите луѓе.

– Бидејќи и двете си го сакаме јазикот и нашата култура, се нервиравме секојпат кога требаше да купиме честитка на која пишува Happy birthday за нечиј роденден и сфативме дека ова е начин на кој можеме да придонесеме за заедницата. Ова наше општество, такво какво што е, со сите негови мани кои премногу знаеме да ги истакнуваме, си има и многу позитивни страни – тоа ни има пружено образование и култура, тоа нè има направено да бидеме она што сме. Нашиот народ знае да биде и зајадлив и нерасположен од разно-разните маки што го мачат, но колку и да им е тешко на луѓето, тие постојано умеат да смогнат сили да бидат добри и фини, да најдат време да се видат, да го испијат кафето заедно или да ја кренат чашката, да си кажат убави зборови и да се насмеат и расположат едни со други. Тие заеднички мигови со луѓето што ги сакаме и што ни значат се најскапоценото нешто што го имаме. Затоа, си рековме, ајде да направиме од нула наши честитки – со пораки што искрено би им ги кажале како честитка на блиските и со илустрации што ќе го одразуваат нашиот македонски дух. И, така се роди „Ај честито“. Сега кога одиме на роденден носиме честитка на која пишува: „Голем да растеш“ или „Од арно да не куртулиш“ – раскажува Атанасова.

„Мозокот“ на слоганите е Наташа, а ги црпи од секојденвието, од напиот народ и култура.
– Во нашиот јазик и меѓу нашиот народ секојдневно прелетуваат толку многу убави пораки што човек треба само будно да слуша и да запишува. Увото на Наташа е изострено, а телефонот во секое време подготвен да запише сè што ќе ѝ зазвучи добро како за на честитка. Потоа тие пораки се дообликуваат, им се дава една поуниверзална димензија, па одат кај дизајнерот кому исто така треба да му светне креативната сијаличка и да долови низ илустрација ситуација што би можело да се поврзе со пораката. И тогаш имаме добитна комбинација, односно честитка со која сите би сакале да кажат „ај честито“ за одреден повод – вели Грујиќ.

Двете решиле да направат автентичен производ на хартија во време кога масовно се користат дигитални уреди и електронски пораки и честитки, посакуваат „Среќна Нова година“ најчесто на англиски јазик. Атанасова објаснува дека сакале да пливаат спротиводно.

– Живееме брзо, постојано сме со екраните, си разменуваме пораки повеќе од кога и да е и сето тоа е инстант и трае кратко. А да не зборуваме, пак, за честитките за Нова година кои луѓето ги испраќаат најбезлично до сите пријатели наеднаш на социјалните мрежи и на кои не ни се кажува ни благодарам… Затоа нашите честитки испечатени на хартија го нудат спротивното. Тие бараат време и внимание од тој што ги подарува – да ја изберат вистинската, па да напишат и своја порака внатре, да ја спакуваат и врачат, да ја дочекаат реакцијата од неа… Нашите честитки имаат порака со тежина и весели илустрации кои ќе посакате да ви стојат пред очи подолго време и да ве потсеќаат на убавите мигови кога некој што ве сака и цени ви ја подарил честитката. Нашите честитки се спакувано време, внимание и љубов од еден човек кон друг во овие времиња кога од сите страни небитни работи ни го крадат вниманието и кога сите се жалиме дека немаме време – објаснува Атанасова.

Новогодишни, бебешки, свадбарски честитки

„Ај честито“ нуди честитки за различни пригоди – бебешки, свадбарски, пензионерски, новогодишни… Најбарани во текот на целата година им се честитките за родендени и за свадби. Тоа се честитки што се даваат на рака, заедно со подарокот – или со подарокот во нив, ако станува збор за пари во плико, како што често денес се дава за свадба.

– А периодов најбарани секако се новогодишните честитки. Имаме впечаток дека ретко се праќаат честитки по пошта – честитки за Нова година по пошта се праќаат претежно на блиски луѓе надвор од земјата. Луѓето ја изгубија довербата во нашата пошта, а и навиката да праќаат. Но, затоа наоѓаат време да се видат едни со други и да си честитаат лично, а честитката да остане како трага од тие убави заеднички мигови за празниците – вели Грујиќ.

„Ај честито“ е само една од областите на кои работат Наташа и Јасмина. „Импакта“ е маркетинг агенција која за кратко време издари одличен углед и доверба од клиентите. На прашањето кои се најголемите предизвици на малите тимови кои се обидуваат да водат успешен бизнис во Македонија, двете насмеани одговараат:

Јасмина Грујиќ (лево) и Наташа Атанасова

– Да, ние сме тие и колку сме, толку сме, токму сме, што би рекол нашиот поет Гане Тодоровски. Ние даваме услуги од областа на маркетингот и комуникациите и знаеме дека маркетингот што функционира е оној што е спој на сите чинители при пласманот на еден производ или услуга. Ја познаваме нашата работа, работиме квалитетно, исполнително и посветено, за клиентите се даваме како за себе, градиме доверба на долг рок и не нè интересираат брзи и матни зделки. Знаеме дека го имаме избрано потешкиот пат, ама не знаеме поинаку. А кога сме кај успехот – тоа е релативна категорија. За нас успех е да ги увериме нашите потенцијални клиенти дека вреди да ни ја доверат работата за маркетинг и потоа да ја оправдаме таа доверба. Секој нов клиент што се приклучува на нашиов четиригодишен пат од постоењето на „Импакта“ ни е нов доказ дека успехот си доаѓа кога човек се вложува и верува во себе.

Сподели