„Како се мери годината?“ и „Целулоидно подземје“ го отвораат 15. издание на „Македокс“

Со проекција на документарците „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт вечерва во 20.30 часот во Куршумли ан во Старата скопска чаршија ќе почне 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Фестивалот до 22 август ќе се одржува во Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, Младинскиот културен центар и „Лабораториум“ во Скопје.

Сцена од „Како се мери годината?“

„Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка. Розенблат 17 години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, прашувајќи ја истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ù се развива со сите свои сложености.

Преку долгометражниот „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) Кошбахт ја раскажува приказната која се случува по завршувањето на Иранската револуција, кога настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој, храбро решавајќи да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна. Ова е приказна за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран.

Сцена од „Целулоидно подземје“

По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ вечерва во Куршумли ан концерт ќе одржи Зарина Првасевда, музичарка која изведува и македонска и светска традиционална музика. Таа се стреми да ја смести традиционалната музика во поинаква, единствена и алтернативна форма, имајќи предвид дека самата музика ја задржува својата автентичност; сето тоа со помош на вокални техники кои кореспондираат со традицијата. Првата вечер на 15. „Македокс“ ќе заврши со диџеј-сет на Ишјан твин.

Мото на 15. издание на „Македокс“ е „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија. Програмата ќе биде отворена на 16 август, во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.

– Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочува Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Во рамки на тематската одредница на фестивалот во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржи Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.

Работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисери или тимови (режисери и монтажери). Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација. Партнери на „Македокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотеката на Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, амбасадите на Холандија, Франција, Чешка, и Словенија, Францускиот институт, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, МКЦ, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“. Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.

Сподели