Како се гласало во Македонија пред 100 години

Дрвена правоаголна кутија, отворена од едната страна, а на неа закачени две црни завесички. Вака изгледала гласачката кутија во триесетите години. Со појавата на локални и парламентарни избори на територија на Македонија, гласањето се одвивало слично на денешното, со гласачки кутии, велат кустосите од Музејот на Македонија. Во архивата на нивната фејсбук страница имаат сподолено фотографија од гласачка кутија од период на Македонија меѓу двете светски војни. Овој дел од историската поставка, за животот во Македонија меѓу двете светски војни беше отворен во 2011 година. Изложбата тогаш ја подготвија историчарите Драган Георгиев и Илија Цурев, денешен директор на Музејот.

– Гласањето се одвивало на следниот начин: Ако имало тројца кандидати биле поставувани три гласачки кутии. На влез на гласачкото место и по прикажување на документ за идентификација, гласачот добивал едно железно топче. Гласачот морал да ја стисне раката со топчето и да ја протне во трите кутии. Во една кутија го пуштал топчето. На крај на гласањето требало да ја покаже раката празна. Со тоа завршувал процесот и гласачот заминувал – велат кустосите.

Сепак, и тогаш имало неправилности во грасањето, тоа не е современа појава.

– Уште тогаш биле поставувани луѓе, дури и под масите каде стоеле кутиите и нивна задача била да слушаат каде ќе тропне топчето. На тој начин знаеле кој за кого гласал. Заради тоа, топчињата биле заменети со гумени за да се намали звукот на паѓањето – велат од Музејот.

Фото и извор: Музеј на Македонија

Сподели