Кога ни е тешко, се храбриме на тој начин што си велиме една на друга дека можеме, дека ќе успееме, и нема да се откажеме – велат близначките Ивана и Јована Неделкоски од Струга кои минатата година го испливаа Охридскиот маратон
Летото е време кога добар дел од професионалните пливачи се фокусираат на пливачки маратони на отворено. Такво натпреварување неодамна беше и „Преспа 2024“, што се одржа на плажата Сливница. Таму, близначките Јована и Ивана Неделкоски од Струга освоија второ и трето место во апсолутна категорија. Една недела, пак, пред тоа, во Бачка Топола, Србија, на маратон од 10 км исто така ги заземаа второто и третото место во апсолутна категорија (прво и второ во своите категории). А на Крушевскиот маратон пред десетина дена, Јована го освои првото место.
За нивните медали по пливачки натпревари скоро и да нема место. Токму тие две, инаку годинава матурантки во гимназијата „Раде Јовковски-Корчагин“ во Скопје, на последниот Охридски маратон лани влегоа во поновата историја на македонското далечинско пливање испливувајќи ги 25-те километри, 18 години откако тоа ù успеа на Теодора Раптис.

Ивана (лево) и Јована Неделкоски
Скромните сестри, матурантки од септември, пливаат веќе девет години и се дел од ПК „Скопје“. За подвигот се одлучија многу спонтано, а како и за многу вакви ситуации во нашето општество, не добија соодветно внимание во јавноста, ниту пак признанија какви што заслужуваат.
На 31 август ќе се случи 37. Охридски маратон. Нивната другарка Росана Гошева годинава ќе се предизвика да го исплива.

– За Охридскиот маратон се решивме доста спонтано. Уште од мали го гледавме овој маратон на телевизија и уште од тогаш ми се јави желба еден ден и јас да го испливам, но не очекував дека тоа ќе биде толку брзо. На почетокот на ланското лето нашиот тренер Иван Банов нè праша што мислиме за идејата да се обидеме да го препливаме Охридски маратон, но секако никогаш не нè притискаше и остави на нас да одлучиме. Долго се двоумевме, зашто сепак 25 км не се малку, но благодарение на огромната поддршката од тренерот Иван, од нашите родители, а сакам и да му се заблагодарам на Александар Илиевски кој нè охрабри, па така решивме да се пријавиме – вели Јована.

Подготовките им траеле цела година. Освен тренерот Банов, огромна поддршка добиле од своето семејство. Свесни биле дека мора добро да се подготват за да издржат шест часа во вода. Признаваат дека имале кризни моменти, за Јована најтешки биле последните 5 километри.
– Благодарение на целата поддршка од кајчињата, како и на тренерот Тања која цело време беше со мене и ме мотивираше, издржавме и не се откажавме.
За Ивана, чувството да се направи еден ваков подвиг е прекрасно.
– Посреќни сме затоа што ова го направивме по пауза од 18 години и се надевам дека со ова ќе инспирираме други пливачи да се охрабрат и да го испливаат Охридскиот маратон кој е традиција кај нас – вели таа.

Тие сметаат дека успесите на младите спортисти треба повеќе да се вреднуваат, да се зборува за тоа, за да се поттикнуваат децата да почнат да се занимаваат со спорт, пред сè за своето здравје, а потоа и за да имаме врвни спортисти што гордо ќе ја претставуваат Македонија во светот.
На прашањето што им се допаѓа најмногу во овој спорт, Јована вели:
– Ми се допаѓа што преку пливањето јас се изградив како личност, научив што значи дисциплина, макотрпна работа, тимски дух, соработка, почит. Најмногу сум благодарна на пријателствата што ги стекнав и луѓето што ги запознав во претходниве 9 години.

Од последниот маратон во Преспа
Ако се има волја и се вложи труд може да се постигне сè, смета Ивана.
– Понекогаш е навистина тешко паралелно да се занимаваш професионално со спорт и да бидеш успешен во средно и тоа е една од главните причини поради кои многу од младите се откажуваат.
И двете признаваат дека постои ривалство меѓу нив, но дека тоа ги прави посилни и така напредуваат и двете.

Заедно со нивниот тренер Иван Банов
– Кога ни е тешко, се храбриме на тој начин што си велиме една на друга дека можеме, дека ќе успееме, и нема да се откажеме! На младите кои имаат одредена желба би им препорачала да ја следат истата и да веруваат дека ќе ја остварат. Конкретно за спортот, секако дека не е сè совршено и има проблеми и неправди, но тоа не треба да ги обесхрабрува да се занимаваат со тоа што ги исполнува, треба заедно да се избориме за подобрување на ситуацијата – велат сестрите Неделкоски.





