Како изгледала римската гробница од Видобишта во Охрид, која денес е недостапна за граѓаните, а се наоѓа во дворот на Лапидариумот во музејската зграда Куќата на Робевци? Љубителите на културното наследство може да ја видат преку виртуелната реконструкција која деновиве беше промовирана во Охрид, а ја изработи Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина Регионален зелен центар Охрид. Според Иван Малезанов од Здружението, со овој метод на презентација гробницата ќе биде промовирана пред пошироката јавност. Макетата од гробницата ќе биде поставена во „Куќата на Робевци“, а виртуелната реконструкција ќе биде широко достапна на социјалните мрежи и на интернет платформите.

Проектот почнал летово и го работеле во два дела – теренско документирање и кабинетска обработка на материјалот. Тоа подразбирало имплементирање на сите димензии кои се земени од гробницата, изработка на виртуелната реконструкција и 3Д моделот кој подоцна бил искористен за изработка на 3Д макетата.
Според директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Катерина Ристеска-Велкоска, градот има многу споменици кои се тешко пристапни или се на приватно земјиште, па затоа треба да се следи овој пример на презентација.
– Ова е веќе втора виртуелна претстава на гробница. Се надевам дека ќе имаме и за друг вид на културно наследство – вели Ристеска-Велкоска.





