Како етнологијата ме избра мене (и зошто ти да ја одбереш)?

Кога требаше да се одлучам што да студирам, требаше да биде нешто поврзано со човекот, со неговата универзална потреба да го објаснува светот во којшто живее, да воспоставува и да одржува врски со други луѓе

Пишува: Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија, при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Кога бев мала многу читав. Во осмо одделение ги имав совладано класиците, а омилени ми беа петте тома „Клетници“ на Виктор Иго, сага за историјата на Франција, класните неправди и романтичната љубов. Авторот бил инспириран од сцена во Париз којашто самиот ја посведочил – кога човек кој украл векна леб (исто како и главниот лик во книгата, Жан Валжан) бил насилнички нападнат од полицијата и однесен во затвор.

Во слушнатите преданија, пак, од селаните од село Ѓавато, Битолско, родното место на татко ми, природата и човечкото се мешаа со натприродното и божественото. Вампирот наречен Маџароно можеше да биде исто толку вистински колку и некој соселанец или комшија. Уште се сеќавам како му организирале вистинска свадба, за лажна невеста од соседното село, со зурли и тапани, само за да го измамат да замине од селото.

Кога требаше да се одлучам што да студирам, требаше да биде нешто поврзано со човекот, со неговата универзална потреба да го објаснува светот во којшто живее, да воспоставува и да одржува врски со други луѓе (затоа што сака. или затоа што мора), да верува во нешто поголемо од самиот себе за така да пронајде ред во хаосот. Не само физички да опстане, туку и да си го осмисли животот, низ приказни чии содржини се менуваат, но кои секогаш следат една иста шема – херојот треба да надмине некоја пречка за од таа битка да излезе поголем и подобар.

Сето ова и многу повеќе најдов во етнологијата, а подоцна и во антропологијата. Иако тоа беше турбулентен период на политички превривања поврзани со распадот на претходната држава и формирањето нова, кога беше тешко да се патува, јас го имав светот на дланка. Низ делата на Малиновски отпловив до коралните гребени во Меланезија, низ книгите на Маргарет Мид на островот Самоа. Со Клод Леви-Строс се пробивавме ни бразилските прашуми низ тешката вегетација и влажниот воздух, низ кои повремено се пробиваа звуци од локална прослава на племето Намбиквара. Со нашиот Цепенков пак го прошетав Прилепско, Битолско и Охридско, слушајќи легенди за настанувањето на планините и езерата и разбирајќи го вистинското значење на поговорките кои до тогаш ги изговарав механички. „Човеко треба да биди на душата амбар“ – вели една од нив, советувајќи да се грижиме за својата душа онака како што селанецот се грижи за најскапоценото, годишниот род, житото.

Денес, кога предавам на Институтот за етнологија и антропологија, се обидувам таа љубопитност за човекот и неговите приказни да ја пренесам и на студентите. На 20 годишнината од неговото постоење во рамки на Природно-математичкиот факултет и јас и моите колеги сме горди на постигнатото и на кадарот кој сме го произвеле. Секако, може и повеќе, и подобро. Секогаш кога на празник ќе се наполни трпезата, кога ќе се запее некоја народна, кога ќе се кренат чашите и ќе се посака добро на домашниот, соседот, човекот, сетете се на етнологијата и антропологијата и на нивната моќ да ги разбира и да ги сплотува. А кога ќе се стемни, не плашете се од Маџароно. Тој е во среќен брак со невестата од другото село.

Сподели