Како да се намали текстилниот отпад преку кружни економии – дискусија во Кинотека

Панел дискусија на темата „Намалување на текстилниот отпад преку кружни економии“ ќе се одржи утре во 12 часот во Кинотеката. Дискусијата е во рамките на проектот „Филтер“, кој го организира здружението на граѓани за нови уметности, технологија и екологија „3.14 Брокули”. Во согласност со присуството на отпад и неговата селективност, идејата на „Филтер” е да обезбеди неформална едукативна и практична програма за работа со повеќе од 7 типови на органски и неоргански отпад.

„Филтер” е медиум каде можат да се споделат нови идеи, модели и пракси, со цел креирање на функционални и еколошки одржливи производи.

Првата епизода е под наслов „ФИЛТЕР – Текстилна индустрија” и e за намалување на текстилниот отпад преку кружни економии. Планирано е да се обработат повеќе теми: текстилниот отпад како нов ресурс за работа, нови „зелени” материјали за работа, циркуларна економија, еколошки менаџмент, започнување на сопствен бизнис, моден дизајн и други.

Проектот „ФИЛТЕР – Текстилна индустрија” е организиран со финансиска поддршка од Британскиот совет во Македонија, во соработка со Кинотеката, како и текстилната компанија „ММЦ Прогрес” и „Кокос продукција”. Модератор ќе биде Мартин Анастасовски, а како панелисти ќе учествуваат: проф. д-р Пеце Недановски, Марија Божиновска Богојевска, проф. д-р Игор Јордано, Христина Алексовска, Александра Спасеска, Ирина Тошева и Драган Христов.