Позитивно во пандемијава е што сè повеќе се обрнува внимание на онлајн презентацијата на изложбите – нешто на кое се обрнуваше помалку внимание во минатото, вели Маја Кировска

Пишува: Катерина Богоева

Македонската уметница Маја Кировска учествува на актуелната, втора по ред Меѓународна уметничка изложба „Надвор од границите“ во Јужна Кореја со делото „Како да ја создадете сопствената среќа во шест чекори“. Објаснувајќи го делото и начинот на кој ѝ го нуди на публиката, Кировска укажува дека станува збор за преработка на нејзино постаро дело, составено од шест фотографии коишто во последователни чекори во стилот на упатствата „направи сам“ ни покажуваат како од трилисни детелини да се изработат четирилисни со лепење на четвртиот лист. Изборот да се презентира со ова иронично дело го направила, како што вели, бидејќи совршено одговара со состојбата во која се наоѓаме изминативе две години.

– Тоа е безизлезна состојба во која скоро ништо не можете да направите за да промените нешто. Останува само надежта дека нештата ќе се вратат во нормала и повторно ќе го живееме животот кој го имавме пред пандемијата – вели Кировска на која ова не ѝ е прва изложба во Јужна Кореја, ниту пак прва соработка со јужнокорејските уметници.

Во каков простор се одржува изложбата „Надвор од границите“?

– Изложбата се одржува во Chang Kil-Hwan Art Museum, уметнички музеј кој функционира како дел од поголемиот музеј Fantapia M – комплексен културен центар лоциран во Gangneung, Јужна Кореја. Новата зграда беше отворена минатата година и од подножјето на блиската планина беше дислоцирана на влезот на пристаништето Anmok. Станува збор за голема модерна музејска зграда на четири ката каде има кафетерија, простор за семинари и конференции, дел за деца, како и Fantasy Cup – музеј каде се презентирани AR игри со виртуелна реалност, „Дизни“ и др. На третиот кат има изложбен простор каде е сместен и музејот Chang Kil-Hwan Art, каде всушност се одржува нашата изложба „Надвор од границите“, во голем галериски простор каде на репрезентативен начин се презентирани делата од над 170 интернационални уметници.

Вие и претходно изложувавте во Јужна Кореја, а во рамките на проектот GAPi (Gogyoshi art project international) каде и спаѓа изложбата „Надвор од границите“, беше одржана изложба и во Македонија во 2016 година. За каков интернационален проект станува збор и на кој начин во него партиципираат уметниците?

– Проектот „Гоњоши арт проџект“ или скратено GAPi е инициран од холандските уметници Ед Хансен и Фред ван Вели, а е инспириран од гоњоши поезијата на Таро Аизу, во која тој зборува за жителите на својот роден град Фукушима. Зборува за нивната љубов кон овој град, а подоцна и за нуклеарната катастрофа предизвикана од цунамито во март 2011 година, кога биле принудени да го напуштат Фукушима. Првата изложба од овој проект е одржана во ноември 2012 година во #Loods 32 во Лелистад, Холандија, и на неа учествуваат 36 уметници. Набргу потоа, проектот привлекува меѓународно внимание и две групи, „Мир и уметност“ (PAS) од Португалија и Art Nations од Германија се приклучуваат на проектот, а бројот на учесници постојано расте. Денес проектот брои повеќе од 500 учесници од целиот свет. Во изминатите години изложби како дел од овој проект се одржани на различни локации во различни држави ширум светот. За тоа време проектот се надградува и се развива, бројот на учесници од различни држави расте и е преименуван во Gogyoshi Art Project International. Пред извесно време за да се нагласи неговата универзална нота, го менува името во Genuine art Project International, наслов кој стои позади истата кратенка GAPi. Активностите околу проектот се координираат и организираат преку Фејсбук група креирана за таа цел, каде членовите можат да добијат информации за тековните активности околу проектот, како и за идните можности за учество.

Маја Кировска

Во 2016 година како членови на GAPi, заедно со поетесата Јаготка Томовска имавме можност овој интернационален проект да го донесеме во нашата земја. Ја организиравме групната изложба „Нашата Фукушима“, која беше претставена најпрвин во Музејот во Куманово, а потоа во Скопје, на две локации: во Домот на културата „Кочо Рацин“ (галерија „КО-РА“) и во галеријата „Флукс“. Минатата година како дел од овој проект на иницијатива на уметникот Yoo Choong Yeul во Јужна Кореја беше организирана изложбата Across the River, која се одржа во Incheon Culture and Arts Center, дел од Cheong ro Arts Association International Art Festival. На оваа изложба исто така учествував со свое дело, а оваа година имавме можност да учествуваме на изложбата „Надвор од границите“ во Chang Kil-Hwan Art Museum, исто така на иницијатива на колегата Yoo Choong Yeul. Учеството е бесплатно, а делата остануваат во колекцијата на Chang Kil-Hwan Art Museum и ќе бидат регистрирани во архивата на Министерството за култура. Една од целите на проектот е преку уметничка активност и вмрежување на уметниците од различните земји, со заедничка енергија да покрене размислување на важни теми. За успешноста во ваквото вмрежување зборува и фактот што на изложбата „Надвор од границите“ учествуваат повеќе уметници од нашата земја.

Какви Ви се искуствата од досегашните македонско-јужнокорејски уметнички соработки?

– Отприлика во исто време кога ја почнав соработката со GAPi, во времето на мојата, можеби најплодна уметничка активност, а исто така и работа како организатор на изложби, започнав соработка со корејската уметница Санјонг Ли која резултираше со организирање на неколку изложби кај нас и во Јужна Кореја. Допирна точка на Санјонг Ли со GAPi всушност стана изложбата „Нашата Фукушима“. Соработката со Санјонг Ли ја почнавме уште 2014 година, за време на отварањето на две истовремени изложби на уметници од Македонија и Кореја, во „MC Gallery“ во Њујорк, каде таа изложуваше со својата група „Егзит“. Нејзиното прво претставување пред македонската публика беше на Саемот за современа уметност „Паратисима – Скопје“, во 2015 година, каде таа се претстави со едно дело, за во 2016 година да допатува и да се претстави со самостојна изложба. По успешното претставување на изложбата пред скопската публика во Националната галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“, изложбата патуваше во Гевгелија. Истата година во „Мала станица“ ја организирав и изложбата „Патување“ каде беа претставени дела на повеќе од 40 македонски и корејски автори. Авторите од Јужна Кореја се всушност членови на уметничката група „Егзит“, а по претставувањето во „Мала станица“ организирав претставување на нивни дела со изложбата Connecting the Continent во Кавадарци и во Неготино. По покана од групата „Егзит“ учествував на неколку групни изложби кои тие ги организираа во Њујорк и патував два пати во Јужна Кореја, каде учествував на групна изложба и се претставив со самостојна изложба во градот Ченгџу.

Кои се вашите актуелни тематски творечки преокупации, имате ли можности непречено, надвор од постоечките граници (од било каков вид), сега да создавате и други нови дела?

– Во моментов работам со намален творечки интензитет од приватни убави причини. Почетокот на пандемијата се совпадна со раѓањето на нашата ќеркичка Клара, која се роди непосредно пред тоа, па така изминатиот период го поминав посветена повеќе на семејството. Сите кои ме познаваат знаат дека пред тоа работев прилично интензивно на полето на уметноста, како во создавање на нови дела, така и со изложување во земјава и во странство. Сега работам со побавно темпо и создавам претежно дигитални дела на теми на кои размислувам подолго време. Тоа се дела кои лесно можам да ги испратам и изложам на изложби во земјава или надвор од неа. Во моментов работам на дело на тема „Заштита на животната средина“ составено главно од дигитални фотографии, а инспирирано од социјалните медиуми. Делото ќе биде претставено на групна изложба во октомври.

Успевате ли и покрај пандемијата да ги следите, макар виртуелно, случувањата на домашната ликовна сцена и што Ве изненадува најмногу во овој период на прилагодување на новата состојба кај авторите и институциите?

– Од почетокот на пандемијата во живо имам посетено само три изложби од кои едната беше во општествената градина „Бостание“, и бидејќи се случуваше во отворен простор имаше убава посетеност. Поради мерките за настани на затворено, останатите изложби кои се организираа во галериски простор ги придружуваше тажна атмосфера поради малата посетеност, што кај мене буди носталгија по времето кога секоја недела посетувавме и по неколку изложби на кои ги среќававме своите пријатели и колегите од фелата. Затоа претпочитам да ги следам онлајн. Многу организатори на ликовни настани до кои имав забелешка заради лошата или никаква визуелна документација и онлајн презентација на изложбите (на пример организаторите на наградата „Денес“) минатата година позитивно ме изненадија со сеопфатна видео и фото-документација на делата на сите учесници на изложбата, односно натпреварот. Позитивно е што сè повеќе се обрнува внимание на документацијата и на онлајн презентацијата на изложбите – нешто на кое се обрнуваше помалку внимание во минатото.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.