Недостигот на знаење во управување со дигиталните алатки го зголемува и ризикот децата да бидат злоупотребени преку онлајн-медиумите, да бидат регрутирани за трговија со деца, да бидат жртви на онлајн-насилство или изложени на непристојни содржини.

Влијанието кое информациските и комуникациските технологии го имаат во секојдневниот живот на луѓето, на работа, во образованието, дома или во движење, посебно кај децата и младите луѓе, расте од ден на ден, а со тоа и опасностите кои демнат во овој виртуелен свет. Прекумерната употреба, ризиците, мерките кои може да се преземат за престојот на интернет да биде што е можно побезбеден се дел од Прирачникот за безбедност на интернет – Препораки за родители, наставници и деца, од неодамна достапен во дигитална верзија за сите заинтересирани за оваа област.

Во Прирачникот се опфаќа правната рамка за заштита на децата при непосредна онлајн=присутност, социјалните мрежи, безбедноста на интернет каде се опфатени и ризиците, како и совети за наставници, но се даваат и кокретни насоки за деца и ученици како тие да останат безбедни на интернет. Во делот за родителска контрола се поместени совети како родителите да ги препознаат, превенираат и како да реагираат на опасностите со кои се соочени нивните деца на интернет. Последното поглавје ги опфаќа и специфичните услови на прекумерно престојување на интернет, на пример во период на пандемија, кога поголемиот дел од социјалната комуникација, но и образовниот процес се одвиваше на интернет.
Развиената алатка е дел од активностите предвидени во рамки на Пилот-проектот – Систем за рано предупредување за исчезнати деца, кој има за цел да ги подобри постојните пристапи и да најде нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и зајакнување на правата на засегнатите лица преку размена на искуства од државите од регионот и Европа, посочува Александра Радевска, проектен координатор.

– Делумно поради недостиг на знаење во управување со дигитални алатки се зголемува и ризикот децата да бидат злоупотребени преку онлајн медиумите, да бидат регрутирани за трговија со деца, да бидат жртви на онлајн насилство или изложени на непристојни содржини а значително е поголем ризикот за деца од ранливи категории. Ние како партнери на проектот инициравме да работиме заедно со ЕКПАТ-Австрија, но и со сите засегнати чинители да ги заштитиме децата од исчезнување и да спречиме да им се наштети на погодените – вели Радевска.

Пилот проектот – Систем со рано предупредување за исчезнати деца, спроведуван од здружението „Новинари за човекови права“ со партнерската организација „ECPAT Австрија“ и финансиран од Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи на Австрија, вклучува повеќе активности во нашата држава, меѓу кои се ангажирање на засегнати страни преку обуки и размена на добри практики од искуства од Европа и регионот, подготовка на прописи, подобрување на мрежи и безбедност на интернет преку иновативни техники, развој на алатки за онлајн безбедност и пилотирање на систем за рано предупредување за исчезнати деца. За проектот успешно да се спроведува, ќе се искористи и австриското искуство, бидејќи таков систем во Австрија веќе постои, како што постои и во многу други држави во светот.

Прирачникот за безбедност на интернет е достапен овде.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.