Кај диви копачи пронајдени антиквитети, монети, метални предмети, фигури

Дивите копачи подолг временски период работеле на подрачјата и околината на Прилеп, Струмица, Пробиштип, Неготино, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Кочани, соопшти МВР

Диви копачи кои нелегално вршеле ископувања на археолошки локалитети фатила завчера полицијата во координирана акција. Пронајдени и привремено се одземени разни археолошки предмети, монети, метални предмети, фигури, метал детектори и други предмети. Сузбиена е 12-члена организирана криминална група која вршела кривични дела против културното наследство и природните реткости, соопшти Министерството за внатрешни работи.

– Со судски наредби извршени се претреси на вкупно 27 локации кај 23 лица. Пронајдени и привремено се одземени разни археолошки предмети, монети, метални предмети, фигури, метал детектори и опрема за метал детектори, скици, оружје, муниција, дрога, ваги и природни реткости, по што 11 лица се лишени од слобода, а по едно се трага – соопшти МВР.

Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со секторите за внатрешни работи, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спровела координирана полициска акција. Дивите копачи подолг временски период работела на подрачјата и околината на Прилеп, Струмица, Пробиштип, Неготино, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Кочани и направиле кривични дела против културното наследство и природните реткости.

Кривични пријави се поднасени претив: С.Џ. (47) и М.Џ. (37) од с. Канатларци, Прилепско, З.А. (39) од с. Зубово, Ново Село, Т.А. (58) од Пробиштип, Н.М. (48) од Струмица, Д.Р. (36) од Василево, Р.З. (27) и М.С. (42) од с. Банско, М.А. (31) с. Мокрино, Ново Село, Д.П. (37) од Ново Село, Г.К. (44) од Ваташа и И.С. (47) од с. Коњух, Кратовско. Тие се гонат поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, прикривање, присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, сите според одредени членови во Кривичниот законик.

– С.Џ. и З.А. од декември 2021 до декември 2022 година создале злосторничко здружение. Во сиов временски период или повремено учествувале и останатите лица чија цел била стекнување на противправна имотна корист. Целта на формирањето на оваа добро организирана и строго контролирана криминална група била стекнување на противправна имотна корист која произлегува од извршените кривични дела, присвојување и изнесување во странство на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости – соопштија од МВР.

Тие во наведениот период континуирано разменувале информации за локалитети, метал детектори и други апарати и алати, нуделе на продажба пронајдени предмети, вршеле истражувања на различни локации за да пронајдат и ископуваат археолошки предмети на повеќе локации низ државата кои ги продавале на заинтересирани лица во државата и во странство.

Фото: МВР

Сподели