„Кафе чао“ во Битола станува Еразмус+ инфо центар

Нашата основна цел е пред сè да бидеме достапни и близу до сите млади од различни региони во нашата држава, а овој Инфо центар ќе биде безбедно место за младите, за нивните идеи и креативност, вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција

Во централното градско подрачје во Битола или место кое битолчани го знаат како поранешно „Кафе чао“ денеска во 18 часот ќе биде отворен Еразмус+ инфо центар. Локацијата ја отвора Националната агенција за европски образовни програми и мобилност како креативен простор за информирање и вмрежување на сите Еразмус+ корисници и млади лица. Отворањето ќе биде проследено со изложба на дела од младата уметница Јана Танчевска, ќе има дегустација на македонски вина и музика за која се задолжени учениците од Музичкото училиште во Битола.

Од Националната агенција велат дека во изминатите години се целосно посветени на активности преку кои се споделуваат европските вредности. Воедно даваат целосна поддршка на сите оние кои сакаат да ги искористат можностите кои ги нуди програмата Еразмус+ што се потврдува со континуираното зголемување на бројот на апликации во програмата.

Марко Ѓоргиевски

– Нашата основна цел е пред сè да бидеме достапни и близу до сите млади од различни региони во нашата држава, а овој Инфо центар ќе биде безбедно место за младите, за нивните идеи и креативност – вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција.

Инфо центарот располага со конференциска сала за реализирање на обуки, катче за неформално дружење на млади и разменување на искуства и идеи и простор за работа и консултации. Се очекува Еразмус+ инфо центарот да прерасне во место каде младите ќе се дружат, ќе зборуваат за идеи и можности, ќе можат да се информираат за сите новости на НАЕОПМ. Сите заинтересирани ќе може да следат обуки и инфо сесии, но и ќе може да се обратат за појаснувања и детали околу некои свои дилеми поврзани со Еразмус+ и останатите програми и мрежи со кои раководи НАЕОПМ.

– Битолскиот Регион е важен универзитетски центар во земјата, има многу стручни училишта и гимназии и млади кои треба да се едуцираат и професионално да се развиваат и да градат подобро и поквалитетно општество за сите. Поради близината е можност за поврзување и блиска соработка со образовните институции од нашата земја и Република Грција што ќе донесе позитивно влијание за двете земји – вели Ѓоргиевски.

Националната агенција периодов е фокусирана на активности како отворен партнер за соработка за подобрување на образовниот систем за сите не само преку програмата Еразмус+ туку и преку сите мрежи со кои управува НАЕОПМ (Еврогајденс, Европас, Еврдикиа, Етвининг, ЕПАЛЕ).

2024 е година исполнета со многу активности насочени кон различни целни групи. Во изминатиот период е реализиран тридневен настан со студенти од високообразовните институции ширум земјава со фокус на дигитализацијата и продирањето на вештачката интелигенција во глобални рамки.

– Националната агенција ја поддржа најголемата студентска конференција организирана од студентското собрание при УКИМ која се одржа пред две недели во Охрид на која присуствуваа повеќе од 300 студенти. Ги споивме младинските чадор организации на настан на кој се разговараше и работеше за идните чекори во младинското дејствување во земјава со носители на одлуки. Бевме коорганизатори на настан во Северна Африка за интернационализација и соработка во високоото образование заедно со земјите од медитеранската мрежа и африканскиот континент на кој учествуваа 4 универзитети од нашата земја. Следниов период продолжуваме со активности за поддршка на младите за позитивни општествени промени – вели Ѓоргиевски.

Продолжува континуираната промоција на европските вредности и приоритети за поддршка на стручното образование, на инклузивно општество, на активности кои ја промовираат „зелената агенда“ и одржливост за постигнување на долгорочно одржливи цели. Во низата активности и кампањи ќе бидат вклучени училиштата од различни региони во насока на инклузивно и „зелено работење“.

(В.И.И.)

Сподели