Кабра и нејзиниот придонес за андалузиското кино

Во Кабра по 28. пат се одржа Националниот натпревар за аудиовизуелно творештво, затворен со церемонијата на доделување на главните награди за време на завршна гала во театарот „Ел Жардинито“

Пишува: Звонко Димоски, за Умно.мк од Кабра, Андалузија

Во центарот на Андалузија, еден од најинтересните региони во Европа, и во срцето на природниот парк Субетика, сместена е Кабра, гратче исполнето со монументално барокно наследство и опколено со заштитени природно-историски локалитети. Ова, навидум периферно гратче, кое е само еден час оддалечено од величенствената Корбора, е одлична почетна точка за откривање на Андалузија, која несомено изненадува и освојува со комплексната историја, убавината, гостопримството и љубезноста.

Кабра има бројни историски знаменитости, вклучувајќи го градскиот замок и раскошните парохиски цркви, куќата во која е роден познатиот пејач Каетано Муриел и неколку музеи, од кои секако најпознат е Музејот на маслиново масло, како еден од доминантните бизниси во целиот регион. Позиционирано е на рутите на природниот парк Субетика, што ја прави оваа област идеална за активен и авантуристички туризам. Всушност, во близина е највисоката точка од планинскиот венец, позната како „балконот на Андалузија“.

Кабра е шпански збор за „коза“, но малку е веројатно дека локалните стада го инспирирале името на овој град. Се смета дека името дека потекнува од „Ал-Кабри“, локален арапски поет од десеттиот век, чие полно име е Мукадан Ирн Муафаа. Доказите сугерираат дека населбата Кабра датира од палеолитската ера. Со падот на Римската империја, Кабра станала важна престолнина на Визиготското Кралство, тогаш позната како Егабро. За време на битката во Гвадалете, кралот Родриго го загубил своето кралство, а набрзо било востановеноарапското владеење со полуостровот, оставајќи видливи траги не само за Шпанија, туку и за цела денешна Европа.

Токму во Кабра, од 16 до 24 септември по 28. пат се одржа Националниот натпревар за аудиовизуелно творештво, затворен со церемонијата на доделување на главните награди за време на завршна гала во театарот „Ел Жардинито“. Во официјалната фестивалска програма беа прикажани 62, од вкупно 518 пристигнати кратки филмови, и беа одржани неколку придружни активности на различни локации во градот. Шеснаесетчленото официјално жири одлучуваше за 27 фестивалски награди, што истовремено за победниците значи понатамошна селекција за државните шпански филмски награди „Гоја“.

Фестивалот беше отворен со инаугуративна проекција на долгометражниот документарен филм „Вал дел Омар. Аудиовизуелен поет“ на севилскиот режисер Хесус Понсе, за да продолжи со специјална сесија на кратки филмови создадени од жени, реализирана во соработка со влијателното Андалузиското здружение на жени во аудиовизуелните медиуми (ААММА). Исто така, 16 кратки филма се натпреваруваа во специјална фестивалска програма – Конкурсот на регионалната јавна радио телевизија (РТВА), која доделува награда за аудиовизуелно творештво на тема Андалузија, со регионот Кордоба во фокус.

Во десетте фестивалски дена реализирани беа неколку работилници, детски проекции и изложби, од кои највпечатлива беше „Кабра во киното“, односно мултимедијален проект, осмислен од Регионалното здружение на уметници, кој покажуваше на кои (и како) локации во градот би можеле да се снимат сцени од познати европски и холивудски филмови.

За време на завршната гала, водена од андалузискиот комичар Санти Родригез, освен главните награди, беа врачени и четири специјални награди за заслуги во развојот и промоцијата на андалузиската и шпанската кинематографија.

Наградата за најдобар краток филм ја освоија филмовите: „Malegro verte/Мило ми е што те гледам“ во режија на Нул Гарсија и „Alegre y olé/Среќни и миризливи“ во режија на Клара Сантаолаја.

Гарсија раскажува приказна за две пријателки кои се среќаваат дваесет години подоцна во тоалет на еден трговски центар. Едната е успешна деловна жена, а другата Ромка која живее многу несигурно. Нивните животи после напуштањето на селото се развиваат различно, за финално да покажат дека привилегијата, а не потеклото, го одредува победникот.

Сантаолаја, исто така, ја освои една од најважните награди таа вечер – специјалната награда од Здружението ААММА, чие овогодишни жири го сочинуваа Едита Невинска, Салуд Ангуло и Ана Кајуела, кои во своето обраќање ја нагласија не само потребата од промоција на жените во филмот, туку и го потенцираа квалитетот на делата реализирани од нивни колешки.

Филмот ја слика историјата на Лена и Кармен, кои се запознаваат во центар за ментално здравје. И покрај разликата во годините, двете жени развиваат многу посебна и, до одреден степен, шпекулативна врска. Преку емпатија, наклонетост и недостаток од осудување, двете ќе успеат да ја надминат сопствената вина и стравови и ќе го започнат патот на нивното взаемно закрепнување.

Специјалната награда за Андалузиско судивизуелно творештво доделувана од Canalsur RadioTV, ја освои краткиот филм „Lеo/Лео“ во режија на Серџо Постиго Круз, како и наградите за најдобра фотографија и музика. „Лео“, како приказна за изгубеното куче пронајдено во Франција, можеби не внесува ништо посебно со својата приказна, но покажува дека постојат кратки филмови кои се беспрекорно технички реализирани.

Наградата „Хуан Муњоз“ за најдобра аматерска продукција беше доделена краткиот филм „Otro día más/Уште еден ден“ во режија на Хуан Караскал Иниго. Наградата за најдобро дело пократко од пет минути ја освои „Cristal, papel, orgánico/Кристал, хартија, органски“ за Алмудена Васкез, додека наградата „Антонио Еспинар“ за најдобар краток анимиран филм заврши кај Кармен Кордоба Гонзалес за режија на филмот „Amarradas/Амарадас“.

Наградата за најдобро сценарио ја освои Хесус Мартинез за релаксираната комичност во сериозни теми, како сексуалноста, за филмот „La cena/Ручек“.

Најмногу возбуда кај публиката, освен главната награда, секако дека предизвикува наградите за најдобри актерски остварувања, посебно ако се земе во предвид дека неколку филмски ѕвезди беа присутни на завршната гала. Наградата за најдобра женска улога ѝ беше на доделена на Алба Лорес за нејзината изведба во победничкиот филм „Malegro verte“. Ова, сепак беше една од најмалку впечатливите остварувања во фестивалот, но индустријата секогаш има свои фаворити, и ако се земе предвид дека од 16 члена на жирито, дури 9 беа актери, и дека Флорес моментално е во зенитот на својата кариера, посебно после впечатливата улога во серијата „Куќа од хартија“, одлуката не го изненади ниту најпребирливиот дел од публиката.

Наградата за најдобра машка улога му беше доделена на апсолутното откритие на фестивалот, фантастичниот шпанско-јапонски актер Куни Томита, за неговата изведба во краткиот, веќе многукратно награден филм „Tu tijera en mi oreja/Твоите ножички во моето уво“ во режија на Карлос Руано. Очајнички барајќи место да си ја скрати косата, вечерта, пред сопствената свадба, елегантен клиент (Мигуел Анхел Муњоз) влегува во маалска фризерница. Она што не го очекува е дека фризерот (Куни Томита) го препознава како многу важна, но непријатна личност од неговото минато. Томита е несомнено актер којшто во иднина ќе направи забележителна кариера во филмската индустрија, не само поради неговите способности и физички карактеристики, туку и поради неговата посветеност, темелност и знаење, кое е совршена мешавина од шпанска и јапонска естетика.

Наградите на публиката во секцијата посветена на регионот Кордоба им беа доделени на Алехандро Г. де ла Оса за филмот „Kristo/Кристо“ и на Лусија Гарсија и Алехандро Г. де ла Оса за филмот „La bruja del mediodia/Попладневна вештерка“. Специјалните годишни награди ги освоија милениците на андалузиската публика, односно младата актерка Анастасија Русо, како и познатите Сара Саламо и Маурицио Моралес.

Саламо, која ја доби наградата „Un Futuro de Película/Иднината на филмот“, својата кариера ја започнува на канарската телевизија и како лице на брендови како Томи Хилфигер, Кока Кола или Перони. Актерството се појавува кога се преселува во Мадрид во 2012 година, кога ја добива улогата во филмот „Кралицата Виоланте од Арагон“. После нејзиното филмско деби следуваат многу проекти со познати режисери, како што се Карлос Мартин, Харалд Холценлајтер, Асгар Фархади, Алехандро Монтиел, Рафа Русо, или пак, Педро Алмодовар.

Маурицио Моралес, добитник на посебната андалузиска награда, актуелен со филмот „Licantropía“ (прикажан и на Фестивалот), на публиката најдобро и е познат по улогите во популарните сериите „Malviviendo“, „Flaman“, „Mambo“, „Gigantes“ и „Matadero“. Театарот е уште еден медиум за овој млад актер, посебно забележан во бројни мјузикли и во меѓународно признатиот театарски експеримент „Бел зајак, црвен зајак“ (дело без затворен текст, без проби, без режисер…).

Стоечки овации за брилијантната дама на шпанското кино Кити Манвер, на која ѝ беше доделена специјалната наградата „Una vida Cine/Животот кино“, за забележителен влог во промоцијата на Андалузија преку киното. Со филмската и театарската уметност се занимава од својата 17-годишна возраст, има остварено значителни улоги во над 40 играни филмови на режисери од рангот на Мануел Гутиерез Арагон, Енрике Урбизу, Педро Алмодовар, Фернандо Труеба, Алекс де ла Иглесија, Хозе Луис Гарси и многу други. Првата нејзина Гоја за најдобра споредна женска улога во филмот „Todo por la pasta/Сѐ за пастата“ ја има добиено во 1991, а во последниот долгометражен филм „Mamacruz“ (2023) игра постара религиозна жена која повторно ја открива својата сексуалност благодарение на интернетот.

Сподели