Јована Миладинова за „Едвард Втори“ ја доби наградата за најдобра млада актерка на МЕСС

Актерката Јована Миладинова ја доби наградата за најдобра млада актерка „Рејхан Демиржиќ” на МЕСС, Сараево, за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори” во режија на Андриј Жолдак. Ова е трета награда за Миладинова по наградата за искучително уметничко остварување на „Сцена на крстопат” во Пловдив и Награда за млад актер „Трајко Чоревски” на МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп.

Членови на жирито се: Изудин Бајровиќ, актер, Горчин Стојановиќ, режисер, Ана Вукотиќ, режисерка.

„Јована Миладинова, како Изабела, ја носи претставата „Едвард Втори“ на своите младешки, кревки, но театарски моќни рамена, правејќи застрашувачкото барање на оваа физички, емотивно и психолошки вонсериски тешка изведба да изгледа лесно и едноставно, речиси лелеаво. Тоа го постигнува со највисок степен на концентрација, прецизност, посветеност, актерска храброст – речиси дрскост, објавувајќи ја на тој начин својата исклучителна дарба, која несомнено ќе трае и во нејзините идни улоги – стои во образложението на жирито.

Следната изведба на „Едвард Втори” е на Меѓународниот театарски фестивал во Никшиќ, Црна Гора, во ноември.

Сподели