Јован Ристов трајно го задолжи македонското општество денес, но и во иднината

Осврт кон книгата „Правна заштита на македонското културно наследство – огледи на протекторската свест во постсоцијалистичкиот период“ од авторот Јован Ристов, издание на Македонскиот национален комитет на „Синиот штит“

Пишува: м-р Александар Јорданоски

Да се зборува за авторот Јован Ристов и да се даде приказ на неговата постхумно издадена книга „Правна заштита на македонското културно наследство – огледи на протекторската свест во постсоцијалистичкиот период“, издание на Македонскиот национален комитет на Синиот штит, не само што е привилегија и чест, ами уште повеќе е одговорност. Ристов, автор на првиот македонски Закон за заштита на културното наследство, основач на Управата за заштита на културното наследство, долгогодишен посветен работник во областа на правната заштитата на културното наследство, или како што велеше тој – протектолог, од едни оспоруван, од други признат, ја одживеа стандардната судбина на секој предвесник на своето време. Тој трајно го задолжи македонското општество и со неговата работа во актуелното време, но и иднината со неговите дела, особено со книгата „Инструменти за заштита на културното наследство“, дело кое се смета за основна и воведна литература во постапките за заштита на културното наследство, а уште повеќе и со петтомната едиција посветена на „изворите на споменичкото право“, дела во кои се приложуваат и обработуваат правните аспекти на заштитата на културното наследство од пред создавањето на современата македонска држава, длабоко продирајќи наназад дури до Самоиловото и Душановото Царство и првите обиди да се воспостави некаков однос на општеството кон „старините“, па сè до 2011 година, кога легислативата за оваа област во најголем дел е усогласена со директивите на Европската Унија.

Со овие дела Ристов практично стана хроничар на македонското законодавство посветено на заштитата на културното наследство.

Јован Ристов беше единствениот човек во Македонија кој се занимаваше продлабочено со правните аспекти за заштитата на културното наследство. За жал, овде помошниот глагол „сум“, односно „беше“ е употребен во минато свршено време. Тоа значи дека македонското општество во овој сегмент остана без наследник. Да не бидам погрешно сфатен, правници има кои го познаваат Законот за заштита на културното наследство, но усвоената номотехника не значи и разбирање на суштината и на „културата“ и на „наследството“. Номотехниката се усвојува од учебник и со практикување, но разбирањето на поимот „култура“, а уште повеќе на поимот „наследство“, побарува длабока продуховеност и промисла, секако и продлабочени општествени сознанија. Овде, за жал, македонската држава сè уште е стерилна.

Нешто што задолжително мора да се забележи за Јован Ристов е „неговиот“ македонски јазик. Кога станува збор за употребата на македонскиот стандарден јазик, најчесто се среќаваат написи, трудови… кои го обработуваат несериозниот и неодговорниот однос кон современата стандардизирана јазична норма. Меѓутоа, сметам дека исто толку е важно да се почитува и да се истакнува одговорниот однос кон нормираниот јазик од авторите кои мошне сериозно ја чувствуваат потребата од јасност при изразување на мислата. Колку што е важно посочувањето на недоследностите при употребата на јазичната норма, да се знае како не треба, исто толку е важно истакнувањето на позитивниот приод кон јазикот, односно да се има одредница како треба. Јазикот на Ристов се одликува со извонредна јасност и точност на мислата. Текстовите содржински се значително концентрирани, меѓутоа солидната конципираност овозможува јасна претстава за материјата што е предмет на обработка во делото. Исто така, умерената динамика со која се наведуваат темите на обработка во делото оди во прилог кон точноста на мислата. Така, кај читателите уште при првото читање се создава јасна претстава што сè опфаќа делото.

Промоторот Александар Јорданоски и уредникот на изданието, Даворин Трпески

Но, авторот размислува и за разбивање на стереотипната правна реч која произлегува од самата наука. Тоа, пак, значи дека авторот своите професионални сознанија умее да ги приспособи, а со тоа и да ги понуди на пошироката читателска публика што е поврзана со материјата, а обработена во делото. Модалноста, како категорија во јазикот, нудејќи различни зборовни класи, го искажува личниот став на говорителот (авторот) кон кажаното. Во тој контекст, остава впечаток употребата на модалниот збор „напротив“ во улога на самостојна реченица. Ваквата употреба овозможува делење на долгите реченици и нивно полесно читење. Исто така, употребата на прилогот „наедно“, место „едновремено“ е конкретен пример за разбивање на таа стереотипност. Сумирајќи сè од јазична гледна точка, речта на Ристов претставува пример за коректен однос кон сопствениот нормиран јазичен израз. Во таа смисла, не би сакал да зборувам за јазичните недоследности што се пројавуваат, бидејќи тие се во разбирливи граници, а занемарливи во однос на македонскиот стандарден јазик.
Книгата содржи шест текста со кои Јован Ристов настапил на разни форуми и собири во организација на Македонскиот национален комитет на „Синиот штит“. Во суштина, тој со текстовите проникнува во пракикувањето на одделни сегмени при реализацијата на комплексниот систем за заштита на културното наследство. Поедноставно кажано, слабости и доблести на Законот за заштита на културното наследство при неговата примена.

Првиот текст, „Нормативна рамка за остварување на грижата за музејките добра – превентивна заштита“ дава критички осврт на нормативната рамка за остварување на грижата за музејките добра во Република Македонија со акцент врз уредноста на односите и примената на нормативните решенија за превентивно дејствување на надлежните субјекти. Во тој поглед, сè уште постојат отворени прашања од начелна природа. Тие, пак, предочуваат дека националниот систем за заштита на музејските добра е оптоварен со односи, состојби и појави кои имаат сериозно влијание врз неговото ефективно функционирање. Станува збор, пред сè, за комплексот прашања поврзани со „идентификацијата на субјектите и објектот на заштитата“, од една страна, но и за „идентификацијата на содржините и заштитата“, од друга страна, гледано аспект на постојната нормативна рамка и нејзината практична примена. Актуелноста на оваа проблематика се должи повеќе на недоследната примена на важечките прописи отколку на отсуството од соодветна нормативна рамка. Овој текст е презентиран на форумот „Заштита на културното наследство во музеите во Македонија – состојби и искуство“ во 2012 година, а со неговата системна методичност како да ги предвиде последиците од немилиот настан во Музејот на Македонија од ноември 2013 година, односно исчезнувањето на златните предмети.

Вториот текст, „Вториот протокол од 1999 година на Хашката конвенција, негово значење и степен на нормативна и фактичка примена во Република Македонија“ во сублимирана форма ги приопштува клучните прашања за Протоколот што се од значење за негово правилно разбирање, неговото значењето како меѓународен инструмент за заштита на културните добра во случај на вооружен судир, обврските преземени со неговата ратификација од страна на Република Македонија, како и состојбата и актуелните прашања во поглед на неговата примена. Вториот хашки протокол е самостоен меѓународен инструмент кој ја дополнува Хашката конвенција од 1954 година и не е поврзан со друг меѓународен договор. Во текстот се наведуваат клучните моменти за значењето на Протоколот, од кои за оваа прилика издвојувам четири точки, и тоа: а) се надоградува системот за меѓународна воено-хуманитарна заштита преку воведување највисок степен на заштита именуван како „засилена заштита“; б) се воведува стандард на заштита изразен преку балансирање и ограничување на принципот „воена потреба“ наспроти принципот „хуманост“; в) ги пополнува празнините во врска со индивидуалната кривична одговорност за воени злосторства против културното наследство и г) ја засилува меѓународната асистенција и соработката во случај на вооружен судир. Во самата суштина, овој протокол претставува акт што ја симболизира моќта на разумот.

Третиот текст, „Значење и примена на Хашката конвенција од 1954 година“ е посветен на клучните аспекти на системот на меѓународна заштита на културните добра во случај на вооружен судир. Овде, пак, авторот на мошне сублимиран начин го изложува историското значење на Хашката конвенција од 1954 година и нејзиното првенствено значење на прва успешна кодификација на посебните правила за меѓународна хуманитарна заштита на културните добра. Важно е да се напомене дека со Конвенцијата се стандардизира споменичката терминологија и за првпат како нов генерички поим за предметот на заштита бил прифатен изразот „културни добра“. Значаен сегмент за оваа конвенција, а кој се занемарува од македонскиото општество, се обврските кои се однесуваат на неопходните подготвителни мерки во мирновременски услови.

Четвртиот текст, „Правна заштита на нематеријалното културно наследство во Република Македонија“ обработува една суштинска идентитетска тема поврзана и со македонскиот јазик и со македонскиот фолклор. Тука се обработени основите на правната заштита на нематеријалното културно наследство, сфатени како составен дел од националниот ситем и модел за заштита на културното наследство во Република Македонија. Како посебна тематска целина овде се приопштуваат основните сознанија, генезата и можноста за примена на легислативата во заштита на нематеријалното културно наследство. Би издвоил два клучни моменти од овој текст со кои се потврдува далекувидоста на Ристов за овој вид наследство.
Имено, во 1988 година се појавува Предлог за донесување Закон за културно богатство поврзан со отворената јавна расправа по нацрт-амандманите за Уставот на тогашната Југословенска Федерација. Генеричкиот поим „културно богатство“ овој законски проект ги опфаќа: „народните песни, игри и други творби, обичаи и други елементи на фолклор, народни занаети и сценско-уметнички дела од културно и историско значење“. Законскиот проект не успеал, но заложбите на авторот биле забeлежани во тогашната стручна југословенска периодика. Понатаму, актуелново прашање Ристов го покренува и во 1991 година по повод јавната расправа за Нацрт-уставот на Република Македонија. Така, преку тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата, поднесува соодветни забелешки, сугестии и предлози до Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија, па како резултат на неговите заложби во Уставот се вградени одредби, кои, меѓу другото, се однесуваат на т.н. „гарантирана заштита“ на нематеријалните добра опфатени со уставниот израз „историско и уметничко богатство“. Упорноста на Јован Ристов за вградување на заштитата на нематеријалното културно наследство во националниот модел на заштита започната 1988 година доаѓа до полн израз со донесувањето на првиот македонски Закон за заштита на културното наследство во 2004 година, во кој заштитата на нематеријалното културно наследство, дефинирано како „фолклорни добра, јазик и топоними“ добива системско решение. Идентитетската упорност на Ристов во нумеричка вредност изнесува 16 години.

Петтиот текст, „Правото и професионалната етика во остварувањето на заштитата на музејските добра во Република Македонија“ го претставува односот меѓу правото и професионалната етика во остварувањето на заштитата на музејките добра во Република Македонија со посебен акцент на проблематичните правни норми и девијантните поведенија во музејското работење. Професионалната етика во која било област, па и во музејката, начелно, по дефиниција, како збир на етички начела за професионално однесување и работење, во теориска смисла претставува „автономно подрачје“. Во суштина, текстот ја обработува темата за преоптовареност и хиперпродукцијата на законски односи и обврски и во законите и во подзаконските акти кои ја уредуваат областа на заштитата на културното наследство, со што доаѓа до редундандност. Оваа хиперпродукција на законски одредби, поттикната од отсуството на домашно воспитување и општа култура, вклучувајќи ги тука и свесноста и совесноста во работењето, не може да се надополни со законски уредби, бидејќи се навлегува во област која е невозможно да се регулира, па се создаваат брзоплети измени и дополнувања на законските решенија. Ќе посочам еден пример од текстот за таа конфузија; така, имаме ситуација каде што Министерството за култура дава „мислење“ за „одобрение“ коe го издава Управата за заштита на културното наследство поврзано со изнесување/извезување музејки предмети или, пак за изработка на комерцијална копија од артефакт. Да бидам појасен, „мислење“ како категоризиран документ издава надлежна стручна установа, а не орган на државна управа.

Шестиот текст, „Примената на прописите за заштита на културните и природните добра во катастрофи предизвикани од човекот и природата – позиција на локална власт, протекторска свест и професионална етика“ предочува за положбата на локалната власт во Република Македонија и нејзината улога во практичното остварување на заштитата на природното и културното наследство при катастрофи предизвикани од човекот и природата, со посебен осврт на кохерентноста на постојните системи за заштита и проблемите при нивното функционирање. Овде се истакнува подредената состојба на локалната власт при грижата за културното наследство, како и монополското однесување на државните споменички власти, но и стручните установи за заштита, вклучувајќи ги и локалните. Партнерското однесување на локалната и централната власт особено доаѓа до израз во специјалните закони за прогласување „споменички целини“, односно т.н. „модел на заедничко управување“, како што се општините Чаир, Центар, Охрид, Крушево и Кратово. Опсегот на темите на Ристов како и неговиот пристап, методичност, аналитичност и синтетичност, кажува за неговата исклучителност и проникливот во речиси сите сегменти од широката тема – заштита на културното наследство – што го вбројува во редот на најистакнатите македонски кадри во современата македонска држава.

Фото: Страхил Петровски

Сподели