„Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски прикажан на престижниот „Мостра Сао Паоло“

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски беше прикажан во Бразил на 48. издание на престижниот фестивал „Мостра Сао Паоло“. Филмот е дел од компетитивната програма во секцијата Нови режисери на фестивалот кој годинава во својата програма ги вклучи и победниците на Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан и други врвни филмски фестивали.

Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија, и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.

– Номинацијата за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам, и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка – рече Цветановски.

„Јон Вардар против Галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Xумористичната приказна e за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Сподели