Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од четвртокот се прикажува во кино салите во Унгарија. Филмот викендов имаше специјална проекција пред новинарите и претставниците од филмската индустрија во Будимпешта. Присутен беше и режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија која работеше на проектот.
– Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа, и тоа го направи одлично. Благодарен сум на целиот унгарски тим чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект од историско значење, како прв македонски долгометражен анимиран филм – рече Цветановски.

Модераторот на настанот го спореди филмот со „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“, додека целиот простор во кино-комплексот „Синема сити“ беше брендиран во знакот на „Јон Вардар“.
Унгарски копродуцент на филмот е Ева Конрад од „Уматик ентертејнмент“, а филмот доби поддршка од Унгарскиот филмски институт и од Унгарската филмска лабораторија. За потребите на проекцијата, „Јон Вардар“ беше синхронизиран на унгарски јазик, а главните улоги ги толкуваа еминентните актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за Филм.





