Македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е селектиран на два фестивали во Италија. Филмот на Гоце Цветановски ќе биде прикажан во главната програма на Меѓународниот фестивал Аријанао, каде што ќе има проекција утревечер, како и на International Tour Film Festival во Рим, во текот на октомври.
Двата фестивала имаат за цел да ја промовираат кинематографската уметност преку поттикнување на иновативни стилски пристапи и културна размена помеѓу различни народи и култури. Особено внимание се посветува на дела кои ја комбинираат уметноста со забава, едукација и современа визуелна експресија.

„Многу сум среќен што филмот продолжува да живее на фестивали низ Европа и светот. Италија е посебно значајна за мене, бидејќи е земја со богата традиција во анимацијата и филмската уметност. Овие селекции се уште една потврда дека и од малите земји можат да дојдат големи авантури,“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Овие нови селекции доаѓаат по италијанската премиера во мај на Cartoons on the Bay, најголемиот италијански фестивал за анимација, каде што „Јон Вардар против Галаксијата“ се натпреваруваше за наградата „Пулчинела“, една од најпрестижните европски награди во областа на анимацијата.





