Во нашата професија до публиката се допира со емоции, но истото е и со пишаниот збор и фотографијата. Јас едноставно направив обид тие емоции да ги „врамам“ во црно-белите фотографии, вели Апелгрен

Тој е поим за џез вокалист што неколку децении и е посветен на џез музиката. Џон Илија Апелгрен е симбол за вокалната џез музика во Македонија. Денес е исправен пред нов предизвик – овојпат со текст и фотографија да допре до својата публика. Неговата книга „Забранети луѓе“ ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во „Сити мол“, во книжарницата на Литература мк, а ќе биде зачинета со настап на неговиот најблизок соработник Гордан Спасовски на пијано и негова изведба на прекрасни џез нумери. За предизвикот да се впушти во нова авантура посветена на џез музичарите од земјава, разговаравме со него.

Како се роди „Забранети луѓе“? Дали беше револт тоа што Ве измотивира да оставите траен белег со ваков вид книга?

– Главна причина поради кои настана оваа книга е да се остави пишан документ за времето во кое државата ги заборави уметниците, истите оние со кои се гордее по потреба. Нашиот политички естаблишмент беше повеќе загрижен за сопственото функционирање и распиша избори, а по нив отиде на „заслужен одмор“, нешто што ние го следевме преку нивните инстаграм и фејсбук-профили. Потоа се зафати со изнаоѓање начин за функционирање на сите сфери од живеењето во состојба на пандемија, освен протокол за работа на музичарите кои не се вработени во ТВ, радио или државните оркестри. Револтот растеше со сознанието дека комисијата за заразни болести воопшто не сакаше реално да разговара со нас и да изнајде логично решение.

Како го направивте изборот на соговорниците? По што се водевте?

– Во книгата сакав да имам колеги кои негуваат различни жанрови, различни инструменти. Секако, некои од првично планираните отпаднаа, бидејќи имаа некаков друг работен ангажман (радиоемисија, друг вид работа и слично). Но, задоволен сум со изборот и нашата разноликост.

Ова е Ваше прво издание. Убаво ли е чувството да се влезе во еден нов свет, којшто се разбира дека е поврзан со музиката, но овојпат преку пишан збор да се допре до публика?

– Да, првпат се јавувам како автор на книга. Изданието би го нарекол фотомонографија во која ќе се запознаете со дел од македонските музичари кои изведуваат различни стилови музика, но заедничко им е тоа што живеат исклучиво од своите настапи. Во нашата професија до публиката се допира со емоции, но истото е и со пишаниот збор и фотографијата. Јас едноставно направив обид тие емоции да ги „врамам“ во црно-белите фотографии.

Каде е местото на џез музичарот во нашето општество?

– Во основа џез музиката е музика базирана на соработка, на слушање на музичките соговорници, на слободен уметнички израз. Како таква, од почетоците во ноќните клубови и џез клубови, таа полека се има преселено и во концертните сали и на свечености, приватни забави и официјални приеми, па затоа некои ја нарекуваат и елитна музика. Но, џез музиката не е тоа, таа се уште го негува изведувањето по клубови и секаде во светот е достапна на секого.

Се чини дека во Македонија имаме сè повеќе џез уметници, сè повеќе музичари кои се образуваат кај нас и во странство, сè повеќе џез фестивали. Се развива ли џез културата?

– Отворањето на Македонија во поглед на авиолинии и укинувањето на визи за патување во ЕУ придонесе да може да се посетуваат концерти, семинари, но и да се студира на џез академии низ Европа и светот. Потоа и кај нас се отвори џез академијата во Штип и отсекот за популарни жанрови при ФМУ, со што се создаде една нова генерација на школувани џез музичари. Сепак, се уште сметам дека е мал просторот во кој тие можат да ги претстават своите музички проекти. Бројот на џез фестивалите расте, а со тоа и публиката заинтересирана за оваа музика.

За развој на џез културата потребни се и медиумите и критиката. Она што недостасува е медиумската покриеност на настаните, недостасува критика, односно секој проект го живее само мигот на претставувањето. Сметам дека би имале многу повеќе публика кога медиумите би се грижеле за музичарите барем колку што се грижат за разно разни политички аналитичари. Тие се претворени од културно-образовни и забавни медиуми во арена на политичка борба на противници кои барем последниве 30 години немаат некаков важен општествен придонес. Спротивно на ова, домашните уметници се невидливи во ударните термини на медиумите.

Дали имате планови за настапи периодов?

– Деновиве имам неколку настапи. Што се однесува до мое следно концертно претставување, тоа ќе се случи на 1 октомври во Филхармонија, во големата сала каде ќе се претставам со „Звуците на Бразил“, мој избор на бразилска музика изведена на португалски јазик.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.