„Пат покрај патот“ од Славе Ѓорѓо Димоски: Јазикот, писмото, текстот

Извадок од четвртата книга есеи „Пат покрај патот“ од Славе Ѓорѓо Димоски, во издание на „ПНВ Публикации“

1.
Животот започнува во јазикот. Човекот се раѓа во јазикот. Јазикот за него се топлите ерусалимски јасли. Тој во јазикот зема учество со првиот вресок пред да се соочи со светлината; неговиот прв плач е посебна ерекција на јазикот.
Јазикот се изедначува со светлината, тој шуми низ неа. Светлината е двојник на јазикот. Тоа двојство стои на прапочетокот и го претставува создателот на сè – праидејата. Во јазикот се отелотворени вечноста и сегашноста. Јазикот е исполнет со смисла, која не смее да се сфати на начин на кој ќе биде означен како дефинитивен. Тоа ја обусловува вечноста на јазикот. Вечноста на јазикот ја обусловува современоста: зборот што вознемирува е сигнал устремен кон иднината, а зборот што смирува е патоказ кон таа устременост. Јазикот го спојува светото со свесното.
Човекот е создател на зборовите. Зборовите треба да бидат над нивниот создател, а да се достигне тоа создателот треба да им ги отвори сите патишта. Вертикални и хоризонтални. Вертикалниот крик кон Творецот на сè ја создава врската со создателот на зборовите. Кој кого прв го обмислил и го именувал?
Создателот треба да ја негува разликата меѓу зборовите. Разликоста го отвора хоризонталниот пат на зборот, тој ја разоткрива и ја развива духовната активност на човекот – создател. Љуби го зборот, тој секојдневно те обновува.
Создателот се стопува во писмото.
Писмото оживува, тоа е видлива, трајна претстава на јази­кот. Тоа претставува усвитена зона (јазикот надоаѓа од хормо­ните), што овозможува да се види сè што е кажано на поинаков начин, бидејќи сè е веќе кажано (писмото е производ на умот). Писмото ги претставува јазлите на таинственото. Откривањето на сè е живот без илузии, нетворечки. Уметноста е творечка. Тај­ната на уметноста е тајна и јазикот тука нема никаков однос кон каква било друга употреба, освен литературна: како создателот нештата ги доживува во своето срце!

2.
Постојана писателска дилема: кој го пишува текстот?

Принципот на несигурност во познатата парабола „Борхес и јас“, Борхес го гледа во двојството на сопственотo Јас; и едното и другото Јас имаат улога на субјект, а оттаму и сомнежот во постоењето и на едното и на другото Јас. Всушност, според Борхес, во оваа парабола се поставува прашањето за поделеноста помеѓу приватната и јавната личност.
Оттука произлегува и нашиот интерес: писателот е приватна или јавна личност, односно кој го пишува уметничкиот текст? Дали книгата е запис, матрица, а писателот само препишувач? И дали одговорите на вакви или слични прашања се само поигрување на писателот со самиот себеси или сериозно размислување околу авторовото Јас. Писателот или неговиот двојник? Кој е двојникот на писателот?
Ако пишувањето е вештина, а човекот знае да пишува, дали тој успеал да сфати како ја изведува таа вештина? Писателот нема чувство дека вербалната игра што ја внесува во своите книги му се случува нему, туку на „некој друг“, итро скриен зад неговото име. Сте забележале ли извесна нервоза во некои текстови, напнатост, непријатност или недореченост? Тоа доаѓа од „другиот“ пишувач на текстот. „Другиот“ е писателот, кој со личноста-пи­сател носат исто име и презиме, но не се едно исто. „Другиот“, пишувачот на текстот, постојано е потопен во црно мастило и скришум демне низ окцето на своевидно мистично перо. „Другиот“ ги одбива обичните човечки вредности на личноста во која живее како двојник, иако гледаат со исти очи, дишат со заеднички дишни органи и со исти раце удираат по тастатурата од ком­пјутерот. Додека „другиот“ го пишува текстот, кој, поседувајќи исто име и презиме како писателов двојник, писателот како низ случајно отворена врата излегува во светот со кревка самоувереност дека станува збор за иста личност.
Оттука, Кафка не е вистинит, кој е Џојс? А Хомер! А Данте! А Шекспир!
Тие се само имиња на литературни ставови. Но дали тоа е воопшто е важно!

Сподели