Јас сум само 5 години помлад од Археолошкиот музеј, рече Коста Балабанов на прославата на 100-годишнината

Во малата сала на Филхармонијата никој не го криеше задоволството што поминал години во оваа институција, или пак малку придонел во нејзиното градење

Пред повеќе од 100 години со арабаџиски коли се пренесувале камените споменици од цела Македонија во Куршумли ан во Скопје. Тие сè уште се во анот и ја пренесуваат својата порака на многу различни начини. Ја раскажуваат приказната на луѓето што ги создале, но и на колегите кои ги документирале, проучувале и истражувале. Сите тие се втмелени во Археолошкиот музеј, рече вчера Славица Бабамова на свечената академија на која беа одбележани 100 години од основањето на Музејот.

Во малата сала на Филхармонијата никој не го криеше задоволството што поминал години во оваа институција, или пак малку придонел во нејзиното градење. Низ еден век постоење Музејот егзистирал на повеќе локации, како самостојна или здружена институција. Вчера, актуелното раководство им оддаде почит на поранешни директори и раководители, на луѓе заслужни за тоа што е музејот денес, на оние кои веќе не се со нас. Археологот Горан Санев им врачи стаутетки на поранешните директори на инстиуцијата. Со стоечки аплауз присутните го поздравија д-р Коста Балабанов кој во 80-те години раководел со институцијата.

– Јас сум само 5 години помлад од Археолошкиот музеј. Оваа институција докажа дека има врвни стручњаци и кадар кој ветува светла иднина на археологијата – рече Балабанов.

Коста Балабанов

Од Австралија се јави и Викторија Соколовска. Таа ги поздрави своите колеги и на младите археолози им порача да ги следат нивните чекори за македонската археолошка наука да го добие местото што го заслужува.

Академик Вера Битракова-Грозданова е горда што ја доживелата 100-годишнината од музејската дејност во Македонија. Археолошкиот музеј за Елеонора Петрова бил дом, а сите во него биле семејство.
– Ретко некоја институција да слави 100 години. Денес славиме втемелување на една наука – рече таа.

Во Археолошкиот музеј проф. Драги Митревски вложил 20 години од својот живот. За него периодот од 70-те до 90-те години се златното доба на институцијата.

Антропологот Фаница Вељановска рече дека во институцијата поминала 40 години работејќи со коски.
– Никогаш не зажалив. Посакувам што поголема интердисциплинарност во археологијата. Така оваа наука ќе доние повеќе бои – рече Вељановска.

Палеонтологот Лилјана Шаламанов-Коробар за една година заминува во пензија. Таа порача:
– Посакувам моето место да не остане празно.

Археологот од Пенсилванија, Каролин Снајвли која веќе 50 години работи во Македонија, на српско-македонски јазик се забалагодари и посака македонската археологија да продолжи да се развива.

На свеченоста беа врачени повеќе десетици статуетки, признанија и благодарници. Сања Ивановска-Велкоска, претседателка на Управниот одбор на Музејот му посака да слави 1.100 години. Свеченоста заврши со групна фотографија од сите кои денес активно учествуваат во работата на Музејот.

Сподели