Јас сум од оние што не сакаат ниту десет минути да се надвор од театарот

Сакам да нема калкулации, сакам да нема распределба на средства по процентуална застапеност, сакам да не се менува програмата во театар во 5 до 12, сакам да не се знаат наградените месец дена или уште при самато селектирање на фестивал, сакам театар чии работници нема да се уценувани, сакам целосно деполитизирани театри… – вели актерот Никола Пројчевски

Тој е еден од најавтентичните актери во македонскиот театарски простор. Петнаесетина години вредно работи и остава свој препознатлив печат низ неколку десетици улоги на матичната сцена на Народниот театар од Битола. Никола Пројчевски е доказ дека актер не мора да има претежно главни улоги за да биде забележан од публиката. Напротив, неговата умешност за трансформација го прават еден од највпечатливите меѓу неговите колеги. Се случува во претстави да има и по три-четири и повеќе улоги. Таква беше и „Артуро Уи“, за која на последното издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја освои наградата за најдобра епизодна улога.

Во претставата во режија на Кендрим Ријани всушност толкувавте 5 улоги. Ви значи ли признанието?

– Секако дека признанието ми значи особено што тоа е нашиот единствен државен театарски фестивал. Kога имаш веќе 40 години, супер е и понекогаш да слушнеш: „Добар си, одлично го направи тоа“. Пред десет години (како вчера да беа) добив награда за најдобар млад актер, годинава за споредна улога, па низ шега сега на пријателите им велам: „Ајде на 50 и за голема улога да си добијам“.

Шега на страна, уште повеќе ми значеа позитивните реакции помеѓу театарџиите, мои колеги и познаници, а посебно значајно ми беше коментарот со каква леснотија умееш да споиш и направиш и мали незабележителни нешта да се испрчат во преден план.

Како изгледа актер да се трансформира во пет улоги за една претстава? Може ли да ни доловите како вие се подготвувавте конкретно за овој предизвик?

– Мене ми е едноставно. Тоа е искуство. Повеќе од 15 години сум на сцена. Да бидам искрен, среќата претерано да играм насловни улоги ја немав, па така сум спојувал јас и по шест и седум улоги во една.

Битолскиот театар во последните неколку години, и покрај тоа што многу театри реално се успорија на секој план, се обидува да држи ритам и дома, но и со меѓународни презентации. Убаво ли е чувството на припадност на еден таков ансамбл?

– Многу пати сум кажувал дека Народниот театар – Битола е школа – репер за тоа како се гради континуитет со една институција. Нештата кои никнувале во НТБ претставувале шаблон за тоа на каде ќе се движи театарот. Низ него поминаа најзначајните актерски и воопшто театарски имиња. Има едно нешто кое не се објаснува – за чудо, сè уште ниедна суета/поединец не застана над ансамблот, над самиот Народен театар Битола. Самиот факт дека е првиот институционален театар во кој се прозборувало на македонски јазик е еден огромен плус во тој континуитет. Па замислете, еден костимограф и сценограф од нашиот ансамбл имаат добиено награди на државниот фестивал за кој зборувавме погоре колку сите награди на театрите од внатрешноста. Веројатно ова некому ќе личи на преценување, но тоа е реалноста, а таа треба да се осознава и да се препознава и гласно да биде кажана.

Важите за актер што реализира маестрални епизодни улоги, актер кој особено знае да се трансформира. Имате ли некоја потајна желба што би сакале да ви се оствари во вашата кариера?

– Сакам да нема калкулации, сакам да нема распределба на средства по процентуална застапеност, сакам да не се менува програмата во театар во 5 до 12, сакам да не се знаат наградените месец дена или уште при самато селектирање на фестивал, сакам театар чии работници нема да се уценувани, сакам целосно деполитизирани театри, сакам реновирани театри и одржувани долгорочно… А улоги, одамна не чекам, она што доаѓа го правам најдобро што можам и секако никому не „попуштам“ (ова ко на шега).

Дел сте од проектот ТРИ, а сега поново и со видеата што се изродија од оваа претстава. Колку е ова нов предизвик за вас, со оглед на тоа дека режисерот Ристовски на овој начин прави една револуција во нашиот театар.

– Претставата ТРИ е едно необично искуство, благородно, навидум лесно, но во суштина многу комплицирано за изведба. На момент си мислиш сè ќе направиме совршено, за во следниот момент да сфатиш колку малку успеваш. Ова е проект во кој се вклучува една група луѓе што долго време работи заедно. Јован е мој колега и пријател целата екипа исто така, што значи му верувавме и еве одиме натака, не запираме. По претставата се појавија кратките видеа, а веројатно ќе следат нови нешта!

Што Ве очекува во новата сезона?

– Новата сезона како и секоја. Септември се враќаме со нови наслови. Јас сум од оние што не сакаат ни десет минути да се надвор од театарот!

Сподели