„Јас не се нарекувам, јас сум Македонка“ – 20 години од смртта на една од најзначајните сликарки

Две години по смртта ù се оствари најголемата желба, нејзиното творештво да биде изложено во Сарајот во Ресен за да биде постојано достапно на сите македонски граѓани

Денеска се навршуваат 20 години од умирањето на Кераца Висулчева, една од најзначајните македонски современи сликарки. Родена е во село Нестрам, Костурско, на 7 април 1910. Почина во Скопје на 13 јануари 2004 година. Две години по смртта ù се оствари најголемата желба, нејзиното творештво да биде изложено во Сарајот во Ресен за да биде постојано достапно на сите македонски граѓани. Спомен-музејската поставка на Кераца Висулчева е удомена во Сарајот, каде што е сместен ресенскиот Дом на културата „Драги Тозија“.

Во постојаната поставка, на површина од 120 квадратни метри изложени се околу 40 дела, претежно масла на платно, создадени меѓу 1933 и 2001 година. Изложени се и фотографии и најзначајните медали, одликувања, дипломи и награди што Висулчева ги добила во Италија, Франција, Полска и во други земји. Селекцијата на материјалот и поставката ги направи Соња Абаџиева, која во тоа време беше кустос-советник во Музејот на современа уметност во Скопје.

Поставката тогаш ја овозможија Министерството за култура и Општината Ресен, со почит кон Висулчева која, пред да почине, на Македонија ù подари околу 400 слики, скулптури и цртежи.

Висулчева, која од 1995 година до својата смрт, во јануари 2004 живееше во Скопје, го видела Сарајот и во едно писмо ја соопштила желбата нејзините слики да бидат изложени токму таму.

„Родена сум некаде во пролетта на 1910 година во едно бистро планинско село во Костурско, во селото Нестрам или Питачко Село, како што го викаа. Таму, покрај нашето село од секогаш минувале војски и зад себе оставале слепи. А над селото, на бреговите имаше пештери во кои се беа вселувале слепите. Темнината на пештерите одела, се чини, заедно со човечкиот мрак.

Преку ден излегувале и питале по селата, а со мракот се враќале во темните пештери, во сопствениот мрак. Од таму и селото го добило презимето – Питачко Село“, раскажува Висулчева во монографијата која Македонската академија на науките и уметностите ја објави во 2003 година.

По балканските војни нејзиното семејство се преселило во Бугарија. Во 1929 година Висулчева се запишала на Художествената академија во Софија. Истата година се омажила за својот колега Стефан Дикиџиев, со кого имала два сина.

„На мажот ми му реков: Доста ти е двете деца да го носат името на твоето семејство. Јас ќе си го носам името од моите.“

Таа навистина останала доследна на своите зборови и до крајот на животот се потпишувала со презимето на нејзиното семејство. По дипломирањето долго време живее и работи во Пловдив. Поради јавното искажување дека е Македонка, Висулчева била исклучена од Сојузот на ликовните уметници на Бугарија. Била учителка во селата во Пиринска Македонија, а во четириесеттите години на минатиот век била професорка во Женската гимназија во Скопје. Се вратила во Пловдив поради семејни обврски. Во текот на животот реализирала неколку студиски престои во Грција, Франција, Италија и во Полска.

Со помош од многу наши интелектуалци, писатели, историчари на уметност, академици, амбасадори, новинари и со помош на поранешниот претседател Киро Глигоров, Кераца Висулчева успеа да го реализира личниот сон и во 1995 година да се пресели во Скопје, на 85-годишна возраст.

„Пишуваа бугарските весници дека сум се нарекувала Македонка. Јас не се нарекувам така, туку сум Македонка. Тоа што сега го доживеав во македонската самостојна држава за мене е остварување на целиот мој живот. Навистина вредеше да се живее и ова да се доживее, да се види“, зборуваше Висулчева во последните години од нејзиниот живот.

Во 2002 година нејзините слики беа изложени во Музејот на Македонија, а една година подоцна во МАНУ беше отворена ретроспективна изложба на нејзиното творештво.

Насловна фотографија: Автопортрет од 1988 година.

Сподели