„Јас, капетан“, номиниран за „Оскар“, од денеска во „Милениум“

Филмот „Јас, капетан“ во режија на Матео Гароне, од денеска во 16 часот ќе се прикажува во киното „Милениум“ во Скопје. Филмот кој доби номинација за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм, е потресна приказна за големите соништа на сиромашните луѓе, за замислено подобро место за престој и поудобен живот. Иако филмот не беше награден со златна статуетка, тој беше крунисан со познатиот „Сребрен лав“ за најдобар режисер на престижниот филмски фестивал во Венеција. Во филмот „Јас, капетан“, главната улога ја толкува Сејду Сар, чиј талент беше препознаен на Венеција и ја доби наградата за најдобар млад актер.

Како современик на големите миграции од Африка во побогатите земји во Европа, наградуваниот режисер ѝ носи на филмската публика наслов кој се фокусира на две млади момчиња од Сенегал чиј единствен сон е да го напуштат африканскиот континент и да се преселат во Европа.

Сејду и Муса се шеснаесетгодишници кои го напуштаат Дакар и покрај сето противење на нивните семејства, се одлучуваат на ризично патување, за кое многу луѓе во нивниот регион не зборуваат со оптимизам. И покрај сите предупредувања, самите опасности што ги носи пустината Сахара, либиските затвори и пространоста на самото море, тие двајца стануваат свесни дури за време на самата миграција.

Матео Гароне на публиката ù е познат по „Гомора“, „Догман“, „Пинокио“ во кој улогата на Џепето ја толкуваше Роберто Бенињи.

Филмот нема да се прикажува викендот.

Сподели