Стопанската комора се одзвала на барањето на министерката за образование и наука Весна Јаневска за спонзорирање на дел од учениците од Македонија кои годинава учествуваа на меѓународни научни олимпијади, во услови кога ресорното министерство сè уште нема законска основа да исплаќа средства за оваа намена на средношколци. Јаневска вчера му се заблагодари на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, на кусиот состанок кој обајцата го оценија како успешен.
Јаневска рече дека Стопанската комора е важен претставник и застапник на бизнис заедницата, без која ниту една образовна политика не би била доволно ефективна. Потребите од кадар на компаниите треба да бидат интегрирани во образовниот систем. Тие разговарале за можностите за проширување на концептот на дуално образование и тоа да биде предвидено во новиот закон за стручно образование и обука кој е во фаза на изработка. На средбата се разговарало и за поголема соработка на компаниите со стручните училишта, за повеќе можности за прием на ученици на практична обука, поддршка во форма на стипендии и друга финансиска стимулација, загарантирано работно место по формализација на образованието итн.