Извадок од романот „Тегли“ од Јордан Коцевски

Во оваа викенд-рубрика ви претставуваме извадоци од книжевни дела од домашни и странски автори 

Од оваа глетка моето внатрешно дете се разбуди и со разиграни чекорчиња се доближувам до сефот. Сигурно се прашувате зошто сум толку среќен? Зарем не треба да сум загрижен што има сефови што ќе треба да ги отворам? Множината од именката „сеф“ ми предизвикува морници на среќа по моето тело. Досега не сум се соочил со сеф што го немам отворено. Ајде да видиме на кој вид сефови припаѓаат овие. Верувале или не, на најдобрите – отклучени. Ха-ха, не ми се верува колку е вообразен типов. Да оставиш сеф вака е како да ја предизвикуваш судбината, а судбината на овај газда само што се промени.

ОК, подготвени? Ќе го отворам првиот сеф сега. Ете ги… Господе.

Успешно го потиснувам нагонот да повратам. Потребата да го издишам целиот воздух од градите во крик е посилна. Веднаш ги поставувам двете дланки врз отворената уста. Крикот одекнува во мене. Дишењето ми е забрзано и во неправилни интервали. Ги стегам очите најсилно што можам во обид да ја избришам ужасната слика што ја видов внатре. Можеби ми се причини. Да проверам повторно? Ќе го видам ли истото?

Ги отворам очите. Не постои магија што ќе ја избрише одвратната глетка. Неволно правам несмасни чекори назад со надеж дека ќе избегам од виденото. Нешто цврсто го сопира моето движење и почнувам да се лизгам надолу со грбот на она што претпоставувам дека се полиците. Слушам звуци од удар на стакло врз стакло. Дишењето постепено ми се смирува и речиси е во нормала. Нешто ми поминува пред лицето и паѓа во мојот скут. Болката ме вади од шокот. Мозочните ќелии почнуваат повторно да функционираат испраќајќи предупредувачки импулси до моите мускули кажувајќи им да почнат да се движат и да излезат. БЕГАЈ!

Сè уште седам на подот од темната соба за која мислев дека е огромен сеф. Тоа што го видов… Ајде вака ќе го формулирам: мојот партнер нема да работи со мене повеќе, ниту, пак, ќе може да работи воопшто. Сè што забележав беше уплав на неговиот лик и згрчено испружената рака што посегнува кон отворот. Неговите прсти беа тенки. ТРЧАЈ! Едно од неговите очи беше надвор од шуплината и висеше прикачено на нервите. Врвот од носот му недостигаше. Имаше нешто во неговото лице… уште нешто… БЕГАЈ! …покрај невообичаената позиција на последен повик за помош во која му беше закочена вилицата. Тој… немаше уши? Госпеде, му фалеа, нели? Мора да бегам одовде!

Издавач: ПНВ Публикации

Сподели