Извадок од романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ на Давор Стојановски, во издание на „Или-Или“ – македонски кандидат за престижната меѓународна награда „Балканика“, која досега од нашата земја ја добиле само Венко Андоновски и Александар Прокопиев
Ноќва да беше некоја друга ноќ, да беше ова едно друго време од мојот живот, веројатно ќе си речев дека глетката што се открива пред мене потсетува на исечок од идилична сликовница.
Зачекорив од ендекот накај рамнината и снегот ми закрцка под чизмите.
Шумата што ја обрабуваше рамнината беше втоната во неподнослива тишина. Само повремено ќе се урнеше натрупаниот снег од гранките на некоја смрека и немирно ќе зашушкаше. Го кренав погледот накај карпестите сртови што грубо и заканувачки се извишуваа како браник под голото небо, лузничави од отсјајот на полната месечина.
Накратко помислив дека дури ниту превртениот автомобил што лежи во ендекот покрај патот не може да ѝ ја одземе бајковитата убавина на околината. За миг ми се виде неумесно да ѝ припишам вина на природата за човековите неволји и несреќи, не можев да ја сметам за соучесник во нашите лични трагедии.
Но набргу си дојдов на себе, повторно безмилосно свесен каде се наоѓам. Се стресов и почувствував дека студот конечно најде место и во моето срце.
Се стуткав во капутот и длабоко издишав.
„Нема стапки, гледате“, ми довикна полицаецот во цивилно. Да не ми се обратеше, сосема ќе го заборавев.
Се завртев кон него, а тој уште еднаш замавта со дланката накај рамнината прекриена со снег. Дебелите образи му беа неподносливо црвени. Силно шмркнуваше на секои пет-шест секунди и тоа ми одеше на нерви.
„Пред два дена престана да паѓа снег. Сметаме дека мора да лежела вака најмалку три дена. Инаку ќе видевме барем некоја стапка.“
Сината шкода безгласно лежеше во ендекот со шасијата свртена накај небото, тркалата мируваа беспомошно и сакато, каросеријата не беше навистина столчена, но шофершајбната беше распукана. Едната врата зјаеше отворена и малку зарината во земјата, не очекувајќи никој да се протне низ неа.
Кога и да фрлев поглед накај неприродно свртениот и безмилосно напуштен метален инсект, веднаш ми стануваше неудобно и морничаво. Теренот околу автомобилот веќе беше испитан од форензичарите, кои беа единствените што оставиле внимателни траги зад себе, во просторот ограден од лентите за предупредување, цврсто оптегнати и треперливи кога и да шибнеше студениот ветар.
„Значи, не ја познавате?“
Прашањето ме збуни. А полицаецот, веројатно откако забележа дека го гледам чудно, најпрво шмркна, па ми појасни.
„Шкодава, ја имате ли видено претходно?“
Му реков дека првпат ја гледам. Потоа тој ми кажа дека набрзо ќе бидат известени за името на сопственикот, чии регистарски таблички имаа ознака од соседниот град. Погледна на својот рачен часовник. Колегите од шлеп-службата ќе дошле во секој момент.
„И немате никаква идеја кај би можело да бидат упатени?“, ме праша по вторпат откако стигнавме тука ноќва. „Никаква идеја што мајка барале на овој пат, ако смеам така да прашам?“
Откако стигнавме, по патот помина едвај еден автомобил. Возачот само подзабави кога нè виде, накратко го испружи вратот за да ѕирне подобро, а потоа веднаш го сврте погледот напред и нагази на педалот.
Знаев дека ретко се вози по патов, особено ова време. Најчесто го користеа трактори и камиони кога работат на полињата или изнесуваат дрва од шумата.
И искрено не знаев каде бил упатен син ми.
Одненадеж почувствував како нешто да почнува да се поместува под моите нозе. Како да зовриваше во длабочините на земјата. Дури и ми се причини дека слушам придушен татнеж, а вибрациите од почвата полека ми се пренесоа низ вените.
Сфатив дека ми се тресат нозете.
Потиштеноста што ја почувствував кога стигнавме, ми се врати повторно.
„Ај, сепак, да ви ставам едно кафе?“, ми предложи мојот придружник. Сигурно забележа дека лицето ми се менува. Не знаев како изгледам, но сигурно не му влевав многу надеж.
Уште еднаш се наведнав накај каросеријата, божем тоа нешто ќе смени. Но внатре, возилото и натаму остана празно.
Потоа се искачивме до патот.
Малку снег успеал да ми се протне во чизмите. Чувствував дека стапалата ми се мокри. Си ја гледав сенката додека се извитоперуваше од прекршената светлина на фаровите од неговиот и од мојот автомобил.
Ми наточи кафе од термосот во стиропорна чашка. Пареата се креваше низ студениот декемвриски воздух. Испаруваше и се губеше на одредена висина.
Најпосле ја снема.