Ви претставуваме дел од „Денот на црвот“ на авторката Симона Јованоска, објавен во издание на ИЛИ-ИЛИ од Скопје. Заедно со уште три дела („Деса“ на Ивана Трајаноска, „Ден за одмазда“ на Ивица Челиковиќ и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“) е кандидат за наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“
„You only live twice, or so it seems
One life for yourself, and one for your dreams“
Од книжарницата „Maga“ се слушаа пријатните звуци на музиката, од кои сонцето го забавуваше патувањето кон пладневниот зенит само за да може поубаво да ги чуе. Играше со светлината и контрастот добиен од минливите облаци и таа пладневна мрзливост во која тонеше уличката наликуваше на сцена излезена од сказни. Пабло во полусонлив занес го впиваше секој збор зад секоја нота, дозволувајќи да го разгали и да му ја накостреши кожата на темето додека мекиот вокал на девојката повторуваше: „One life for yourself, and one for your dreams…“
Секој ден доаѓаше да разгледува и понекогаш да купи некоја од книгите што ќе му ги препорачаа сопственичките на книжарницата, а особено Берта. Удобно се сместуваше на клупата отспротива, и чекајќи ја сенката што тромо се позиционираше над тротоарот, почнуваше да прелистува сонувајќи со отворени очи за сето она што го опкружува, но и за она што не може да се види од прва. Како дете на разведени родители, Пабло живееше по малку на два континента и наместо да се премори од темпото, тој успеваше да пронајде место, тивко, наивно и шарено прибежиште некаде помеѓу копното и океанот, помеѓу денот и ноќта, помеѓу сонот и јавето низ буквите во книгите.
„Пабло, Пабло! Слушна ли што се случило?“ пред него дотрча неговиот пријател Фреди, кој знаеше дека ќе го пронајде тука. „Знаев дека ќе те најдам тука! Виде? На две улици од овде, зад аголот од пекарницата Bread’n’butter… не таа, другата пекарница, помалечката… да, таа што е позната по лебот со маслинки… ама остави го сега лебот со маслинки, слушаш ли, веднаш до пекарницата се појавил ликот на Киану Ривс врз стариот ѕид!“
„Ликот на Киану Ривс?“ како ништо да не му значи праша Пабло. „Да, гринго, на Нео од Матрикс!“ – „На Нео од Матрикс?“ Пабло сѐ уште беше рамнодушен. „Не ми се верува дека не го знаеш Нео од Матрикс! Ајде да одиме да го видиш и сѐ ќе ти се разјасни. Нема ама, ајде, ова се случило сега и којзнае кога ќе се случи пак!“
Двајцата се упатија накај местото каде што наводно се појавил лик од некој филм, толку успеа да сфати Пабло додека брзаа да стигнат навреме. „Можеби ќе го уништат ако го допираат со прсти, треба да ги викнеме луѓето од телевизија, гринго, да кажат на вести и да предупредат дека никако не смее да се допира со прсти“, беше загрижен Фреди, кој дотаму не престана возбудено да му ги раскажува култните сцени од филмот со симпатична обожавателска страст. И како тоа да не беше доволно, на сите што попатно ги среќаваше и ги поздравуваше, им раскажуваше за чудесниот филмски лик и ги повикуваше да појдат за да го видат со свои очи.
Кога пристигнаа пред местото на чудото, имаше куп деца и сите зјапаа во ѕидот со нескриен восхит што сведочи откровение, не сакајќи да пропуштат ниту цртка од необичната фигура оформена врз нерамната ѕидна површина. Немаше никаков сомнеж дека окото на верниот обожавател може сугестивно да препознае контури, очи, нос и брада од полураспаднат малтер, коса до рамена од испукани тули, образи од стара сронета фасада. „Неверојатно, па тоа навистина е Киану Ривс!“ со воодушевување и понизна свеченост во гласот се восхитуваше Фреди, а покрај него со полуотворена уста втренчено во ликот гледаше Пабло.
Никогаш дотогаш не видел ништо слично, човечки лик оформен врз руина, и тоа не кој било туку ликот на Исус Христос! Само тој ли ја гледаше топлината во очите, насмевката што ослободува од грешни мисли со усните свиени во мек лак како да шепотат прошка за сите сторени и помислени гревови? Чудесно! Силно чувство на прастара морничава среќа му ја исполни душата. Истовремено ликот добродушно му го возвраќаше погледот, како да сакаше да му пренесе порака дека не е тука случајно, туку за од ова место да направи олтар за него каде што ќе се навраќа секој ден.

Она што го виде излезе од неговата свест како што каменот излегува откако ќе се повлече водата. Не можеше да си ја објасни налудничавата среќа во срцето и сознанието дека само тој од сите присутни, успеа да го види синот Божји.
Зошто беше тоа така? По што беше тој поинаков од другите момчиња на негова возраст? Да, тајно беше вљубен во Берта, една од двете сопственички на книжарницата, но децата на негови години имаа тајни романтични чувства, невозможни за заживување, за кои не се разговара со врсниците, туку стрвно се чуваат за себе. Покрај нив си ги запознаваат телата во растење, сѐ уште голи и кршливи, до доцните вечерни часови. Да, само тој беше дете на разведени родители, патуваше често понекогаш без да знае дали доаѓа или си оди, но разводот им припаѓаше на возрасните и на нивните одлуки. Пабло се сомневаше дека таквите околности го прават посебен или поинаков од другите. Дали можеби е поради неговите книжевни склоности? „Многу е лудо, признај“, навалуваше Фреди. „Истиот лик, признај ајде, немој да молчиш цел пат.“
– „Да, прекрасно е… извини, се сетив, нешто ми излезе… морам да одам…“ – „Повторно ќе одиш во Magа, нели…“ – „Не, не, морам нешто да завршам… се гледаме после“, и замина оставајќи го Фреди надвор од разговорот сѐ уште под импресии.





