„Катерина, велика или мала“ е роман на хрватската авторка Оља Кнежевиќ – победник на конкурсот за необјавен роман на издавачката куќа ВБЗ од Загреб во 2019 година. Станува збор за храбар и жесток роман, кој на македонски јазик го издаде „Македоника литера“, а преводот го направи Елена Саздовска. Ви споделуваме извадок од романот.

„Едвај се држев во целина, да не експлодирам“
…Ја отворив вратата од дневната соба и се соочив со погледот на Алма. И таа сигурно пристигнала дома непосредно пред мене; косата сѐ уште ѝ беше крената во лежерна пунџа, карминот нечепнат. Погледот вперен во мене само за кратко беше строг и студен, а потоа почувствував како почна да омекнува пред моите очи. На нејзините образи се вгнездија дупчињата од насмевка.
„Медена!“ – сосема се стопи. „Малку си се вљубила и си се бакнувала?“
„Да“, реков. „Како…“
„Леле, тој не е некој панкер од онаа Академија, нели?“
„Ох, не. Од Титоград е, мој поранешен сосед, студира на ДИФ.“
„Земјак, здрав“, се смееше таа. „Простено ти е, бушавке наша. Се исплашив каде си досега, оној твој факс е до Пицин парк, што знам, гадно место. Сега мора сè убаво да ми раскажеш. Да видам дали ќе намирисам пукнатини и опасности што демнат.“
Ѝ раскажував додека, сè уште со оган во главата, ги собував чевлите, ги миев рацете, ги подготвував приборот и намирниците за да направам некаква вечера. Ми рече дека мора да го запознае тој Синиша, „пред ситуацијата целосно да се замати.“
Си налеав три чаши вода и ги испив до дното, една по друга.
„Седи тука“, рече Алма, покажувајќи на столот близу шпоретот. „Јас ќе готвам вечерва.“
И нејзините деца седнаа спроти мене и љубопитно ме гледаа.
„Гледате, деца, тоа е таканаречена вљубена личност. Вљубена и пијана. Страшно, нели? О, кога само ќе се сетам… Главата веднаш ми пука. Боже, спаси ме.“
Се смеевме дури и кога помфритот на Алма загоре во погрешно масло, нерафинирано, домашно, маслиново – таа жена никогаш не научи да ги направи ниту наједноставните јадења.
***
Мици, се разбира, сметаше дека најважно е добро да се исфолира. Токму во тие денови беше многу зафатена, барана. Немаше време за Синиша, кој одеднаш се појави на мојот факс.
„Мислам, навистина“, рече таа. „И сега Синиша повторно е како некој супермен и повторно ќе се занимаваме со него? Ти воопшто не си се познаваш. Тебе не ти треба маж, во тоа е твојата сила, секогаш се потпираш на себеси. А сега сакаш да му се предадеш на Синиша.“
Се најде во потесниот избор за замена на актерката што ќе ја игра Глинда во претставата Волшебникот од Оз во Театарот на Теразије. Реков, океј, тоа е феноменално. Сепак, не ми беше јасно зошто тоа значеше дека „нема поим кога може да дојде на ручек со мене и со Синиша.“ Дури и не ја доби улогата на Глинда, ниту влезе во најтесниот избор за Глинда. Се најде во најтесниот избор за замена на актерката за Глинда. Во тој потесен избор имаше пет студентки на глума од различни класи. Во следните пет дена, секоја од нив ќе работи со „Глинда“, а потоа екипата од Оз ќе размисли, па ќе соопшти, па додека страстите се смират… Пресмета дека може да се види со мене и со Синиша: „дури таму некаде, кога сите тие стресови со Оз ќе завршат.“ Божем за недела или две.
Тоа ме растажи и ме изнервира.
„Е, да, баш така“, рече Синиша кога му кажав.
„Ние сме двајца герилци, никој нема да ни одредува. Да одиме на таа нејзина глума.“
„А, сепак, ако не нѐ пуштат? Не ми се влегува низ оџакот.“
„Белки нема да треба низ оџакот. Ако не можеме на главната врата, ние двајцата одиме некаде на ручек.“
Па, се разбира. Зошто повеќе да се нервирам? Синиша сакаше да го поминува времето со мене. Синиша! Најфраерскиот фраер во светот. Зошто ли се грижев за Милица и за нејзините каприци?
Синиша возеше преку Сава, до Нов Белград. Едната рака ја држеше на мојот бут. И јас едната рака на неговиот. Го слушав само својот мозок како пулсира во ритамот на срцето и песната на Принц, небаре ќе го пробие черепот. Pur-ple Rain Pur-ple Rain. Там-там бум, там-там бум. Мојот луд пулси¬рач¬ки мозок не создаде никаков паметен заклучок, никаква тема на разговор. Синиша уживаше во музиката на „црниот Моцарт“. Така го нарече Принц. Сакав да скокнам врз него и да го бакнам, и да му кажам дека тој е поголем принц и поголем гениј. „Каква енергија, ја чувствуваш ли?“ – ме праша тој. Кимнав со главата. „Знаеш што сакам да кажам?“ – „Знам.“ – „Па, кажи“, рече тој. „Па, секси е.“ – „Да“, ми го стисна бутот. „Секси секси.“
Сите тивки години пред денот кога повторно го сретнав, одеднаш како да подивеаја и се втурнаа кон мене во одмаздничко стампедо, за сега да им го дадам правото на глас. Гласаме, гласаме за секс! Телото ми беше претесно за сето тоа. Синиша не ме покани кај него дома. Дури и не ми кажа каде живее и со кого. Помислив дека можеби живее во студентскиот дом, па му беше срам да ме води таму. Не знаеше дека ништо во врска со него не можеше да ми пречи. Едвај се држев во целина, да не експлодирам.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.