„Испразнето гнездо“ од уметницата Марија Конеска во Прилеп

Во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Приелеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложната „Испразнето гнездо“ од уметницата Марија Конеска. Проектот е рефлективно уметничко истражување на влијанието на емиграцијата врз Прилеп. Поттикнат е од специфичните политички и економски околности во Македонија кои доведоа до зголемено отселување. Уметницата се фокусира на родниот Прилеп каде емиграцијата е особено изразена.

– Целта на поставката е да прикаже како заминувањето на луѓето го менува изгледот на градот. Бидејќи во моментот кога е почнат проектот нема официјални податоци за ова прашање, Конеска собра податоци со посета на домови и разговори со жителите за емиграциските искуства на нивните семејства. Преку овие интеракции, таа го документираше изгледот на домовите, улиците, а понекогаш и на самите луѓе – велат организаторите.

Инсталацијата за прв пат беше претставена во КИЦ, Скопје, во 2017 година како дел од програмата CreArt, а оттогаш е изложена во Музејот на град Скопје (Македонија), Белград (Србија), Јужна Дакота (САД) и други места. Дел од проектот на јавен простор во Прилеп во 2020 година реализиран во соработка со ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна политика од Прилеп и книга со цртежи објавена од КСП Центар Јадро, Скопје, во 2021 година.

Марија Конеска е визуелна уметница. Дипломирала во 2008 година на Одделот за графика на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје и магистерски студии по сликарство ги завршила на истиот факултет во 2016 година. Креативниот процес на Конеска може да се опише како визуелна трансформација на секојдневните искуства. Таа користи различни техники и материјали, вклучувајќи слики, цртежи, фотографии и колажи. Нејзините проекти често вклучуваат интеракции со други, собирање слики и приказни за да се подигне свеста за секојдневните животни прашања. Излагала во земјава и во странство. Таа има долгогодишен ангажман како графички уметник во филмската продукција.

Сподели