Изложбата „Граници“ од Шќипе Мехмети и Дита Старова-Ќерими вчера беше отворена во Галеријата „Gentinetta“ во Цирих, Швајцарија. Тие се претставуваат со дела, кои заеднички конципирани лани беа изложени во галеријата „Ко-ра“ во Скопје. Овој проект е чин на храброст каде двете ликовни уметници се обидуваат да ги пречекорат границите на познатото во своите дела и да се упатат кон некои нови и непознати предели на уметноста“, вели историчарот на уметност Емил Алексиев.

Нашиот свет е наш лавиринт. Лавиринтот не дозволува застанување и одмор, тој повикува на минување и талкање. Безмерноста на лавиринтот што го изградивме не допушта враќање и познати патеки. Како и јазикот, и лавиринтот предизвикува пораз на помнењето и мудроста (Акиле Бонито Олива). Лавиринтот не води кон никакво одредиште, ниту постои скриено средиште. Нема излез затоа што ние каде и да одиме го градиме и го доградуваме. Ние сме секогаш во средиштето на лавиринтот – Минотаур кој вечно талка во светот што самиот го создал (ова е свет во кој човек, каде и да оди се среќава само себеси, вели Хана Арент).

Уметникот ги открива тајните знаци и патокази на ѕидовите и ја бара невидливата нишка на Аријадна. Непрекинатото и неуморно талкање низ лавиринтот во кој се губи помнењето сега добива насока што води надвор од лавиринтот кон излезот – кон неограничениот простор и непознатото. Уметноста е можна поради тоа што уметникот се осмелува да ги пречекори границите. Тој заминува на неизвесно патување во непознатото, зад границата на она што е видливо и познато. Храброста на уметникот да ги пречекори границите создава можност да се создаде уметничко дело“, вели Алексиев.

Изложбата во Цирих ќе биде отворена до 4 декември.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.